Третата годишна Недела на циркуларната економија на Западен Балкан ќе се одржи од 27 до 31 мај, 2024 година. Овогодишната тема е „Одржливи мостови: Обединување, издигнување, надополнување“.
Организациите од земјите на Западен Балкан, членки на ЛогЕкс заедницата ќе одржат низа паралелни активности со кои ќе ги промовираат добрите практики и знаења, но и предизвиците и перспективите на циркуларната економија во регионот.
Регионалната иницијатива на ЛогЕкс (LogEx) заедницата – формирана од Балкан Форум – има за цел да го револуционизира пристапот на Западен Балкан кон одржлив развој, преку промовирање на практики на циркуларната економија. Со здружување на различни актери, вклучувајќи ја и академијата, граѓанските организации, медиумите, бизнисот и експертите, Неделата на циркуларна економија има за цел негување на соработка и поттикнување значајни промени во регионот.
ЦИВИЛ и оваа година ќе спроведе богата програма за време на Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан.
Почнувајќи од понеделник, 27 мај, медиумската платформа на ЦИВИЛ ќе објавува едукативни содржини поврзани со циркуларната економија. Воедно, ќе објави и серија интервјуа со фокус на перспективите на оваа економска област на иднината.
Во тек е подготовка на анализа на тема „Циркуларната економија во време на војни и несигурност“.
Неделата на акција низ целиот регион, ЦИВИЛ ќе ја заокружи на 31 мај со јавен настан на истата тема, на која ќе се презентира анализата, како и активностите на организациите членки на мрежата ЛогЕкс низ целиот регион.
Главната цел на ЦИВИЛ во рамките на регионалната иницијатива е да придонесе кон јакнење на јавната свест за важноста и перспективите на зелената, односно циркуларната економија преку идентификација на предизвиците што ги наметнуваат војните, конфликтите и другите кризи како што се руската агресија врз Украина, хибридната војна против Западот и конфликтот во Појасот Газа.
ЛогЕкс (LogEx) заедницата, формирана во декември 2021 година, е партнерство посветено на премостување на јазот помеѓу високото образование и пазарот за вработување во Западен Балкан. Со фокусирање на градење на човечки капитал, зајакнување на циркуларната економија и поттикнување на одржлив развој, ЛогЕкс заедницата има за цел да создаде посветла иднина за регионот.
Членки на ЛогЕкс (LogEx) заедницата: The Balkan Forum (ЗБ), Build Green Group (Албанија), CENER 21, COD Jajce (Босна и Херцеговина), CIVIL / Green CIVIL (Северна Македонија), Universum International College (Косово).