За кој било инвеститор, дали домашен или странски важна е политиката на актуелната власт, мерките кои се носат и стабилноста во државата. Кога владата е нестабилна, компаниите се внимателни и избегнуваат долгорочни инвестиции во зелени технологии и инфраструктури. Ова ја забавува транзицијата кон циркуларна економија, бидејќи е потребно значително капитално вложување за развој на системи за рециклирање и управување со отпад но и нов пристап кон вкупното производство, посочува Ленче Николовска, директорка на „Агротим“- консултантска фирма што нуди изготвување апликации и институционална логистика, во интервју за ЦИВИЛ, по повод Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан 2024.
Николовска во своето излагање понатаму вели дека регионалната соработка( како што се иницијативите Берлински процес и Отворен Балкан) помага во координација на политики и заеднички проекти кои се од корист за целокупниот регион. Таа вели дек овие иницијативи поттикнуваат заеднички пристап кон управување со природните ресурси, што е од особено значење за одржливо искористување на водните ресурси, шумите и земјоделското земјиште.
ЦИВИЛ: На кој начин регионалното поврзување како што се Берлинскиот процес, Отворен Балкан или билатералните спогодби помагаат во развојот на зелената економија?
Николовска: Регионалното поврзување, преку ваквите иницијативи како Берлинскиот процес и Отворен Балкан играат суштинска улога во забрзувањето на транзицијата кон зелена економија во земјите од Балканот помагајќи државите да ги усогласат своите регулативи и политики со оние на Европската унија, вклучувајќи ги и стандардите за животна средина.
Ова е особено важно затоа што сите насоки на Европската комисија, односно најголемите европски фондови се насочени кон производства – Пријатели на природата. Најновата програма која стартуваше од 1 јануари 2023 подразбира буџетска рамка за период 2023 – 2027 година. Станува збор за распределба на 270 милијарди евра од земјоделскиот буџет на ЕУ од кои 34 милијарди евра се наменети исклучиво за еколошки и климатски цели и нови еко – шеми.
Имајќи предвид климатските промени кои не разликуваат граници, се однесуваат на сите нас како жители на планетата, регионалното поврзување може само да помогне за заедничко делување и надополнување на проекти и активности во насока на зелената економија. Регионалната соработка помага во координација на политики и заеднички проекти кои се од корист за целокупниот регион.
Овие иницијативи поттикнуваат заеднички пристап кон управување со природните ресурси, што е од особено значење за одржливо искористување на водните ресурси, шумите и земјоделското земјиште. Сето ова создава поволни услови за странски и домашни инвестиции во зелени проекти. Финансиските институции и меѓународните донатори се повеќе се заинтересирани да поддржат проекти кои се дел од широки регионални стратегии, бидејќи тие имаат поголем потенцијал за успех и влијание.
Во таа насока, новиот инструмент на ЕУ за претпристапна помош ИПА е со вкупен буџет од над 14 милијарди евра за период од 2021 – 2027 година, кој најголем дел е планиран на проекти поврзани со Зелената агенда, кои мора максимално да ги искористиме. Исто така и програмата ИПАРД 3 која е во висина од 95 милиони евра до 2027 година ја потенцира важноста на екологијата и зелената економија финансирајќи проекти кои имаат можност да користат обновливи извори на енергија.
Уште еден важен аспект е подигнувањето на јавната свест за важноста на зелената економија и одржливиот развој. Преку заеднички проекти и кампањи, се зголемува свесноста за еколошките предизвици и потребата од одржливи решенија. Јавната поддршка е клучен фактор за успешна имплементација на мерките за зелена економија, а регионалното поврзување овозможува ширење на едукативни програми и иницијативи низ целиот регион.
ЦИВИЛ: На кој начин влијаат политичките кризи во земјата врз циркуларната економија, како во нашата, така и во други земји? Кои се Вашите сознанија и препораки?
За кој било инвеститор, дали домашен или странски важна е политиката на актуелната власт, мерките кои се носат и стабилноста во државата. Кога владата е нестабилна, компаниите се внимателни и избегнуваат долгорочни инвестиции во зелени технологии и инфраструктури. Ова ја забавува транзицијата кон циркуларна економија, бидејќи е потребно значително капитално вложување за развој на системи за рециклирање и управување со отпад но и нов пристап кон вкупното производство.
Транзицијата кон циркуларна економија бара радикална промена во начинот на производство и потрошувачка. Во циркуларната економија производите се дизајнирани да бидат издржливи, да можат да се подобруваат, за поправка и повеќекратна употреба, со цел повторна употреба на материјалите од кои се направени.
Циркуларната или кружна економија во агросекторот е веќе позната преку инвестиции во биогасни централи кои го користат отпадот за добивање на електрична енергија.
Исто така, пример за циркуларна економија има и кај винарниците, каде што по преработката на грозјето дршките може да се искористат за производство на брикети, а исто така се преработуваат и семките од грозјето. Во градинарството постои метод на производството на градинарски култури – аквапоника кој е комбинација од хидропоника (одгледување на култури во вода) и риби кои се одгледуваат во водата и при тоа нивниот отпад е одлична прихрана за растенијата.
Но, ваквите примери се уште се на ниско ниво што покажува дека процесот на транзиција на линеарната економија во циркуларна економија ќе биде долготраен процес каде освен финансиите ќе биде потребна промена во начинот на размислување и сфаќање на работите и ангажирање на сите чинители во процесот, Владата, министерствата, стопанските комори и сите граѓани.
Оттука политичката стабилност, мерките за поддршка кои ќе ги носи Владата и подигнувањето на јавната свест кај граѓаните ќе бидат добра основа за успешна транзиција кон циркуларната економија, како најнова стратегија на Европската Унија кон која се стремиме.
Повеќе информации:
Содржината е дел од големата регионална иницијатива за одбележување на Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан (27-31 мај 2024) под мотото „Одржливи мостови: Обединување, издигнување, надополнување“ што го спроведува регионалната мрежа ЛогЕкс, каде ЦИВИЛ е членка, на иницијатива на угледната тинк-тенк организација Балкан Форум од Косово, а со поддршка од Rockefeller Brothers Fund од САД.