Во директно афектирани држави од воени дејствија се случуваат штети врз критична инфраструктура кои оневозможуваат меѓу останатото и стабилно спроведување на процеси за рециклирање и управување со отпадот. Индиректна последица од воените и поврзаните кризи е и деприоретизацијата на циркуларната економија за сметка на итни вложувања за помош на населението и за обнова на инфраструктурата иако и таа обнова е пожелно да се врши врз основа на начелата за ре-употреба на материјали, особено во градежниот сектор, вели екологистот и политикологот Тони Поповски, во однос на ефектот на војните и воено-безбедносните кризи и поларизација врз можностите циркуларната економија да стане доминантен тренд во економијата во светот, во интервју за ЦИВИЛ, по повод Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан 2024.
Земајќи ја во предвид и руската воена агресија врз Украина и влијанието врз можностите за развој на концептот на циркуларната економија во земјата и во регионот, Поповски истакнува дека пролонгираната војна во Украина, го придвижува процесот на проширување на Европската Унија и потенцијално го скратува периодот до зачленување во Унијата што од своја страна создава можности особено за државите кандидати да се стекнат со повеќе финансиски средства за вложување во сопствениот енергетски, инфраструктурен и економски развој. Во овој контекст треба да се одбележи и почетокот на спроведување на Планот за раст на Западниот Балкан, кој е поддржан со 6 милијарди евра помош од страна на ЕУ.
ЦИВИЛ: Какви перспективи има циркуларната економија во услови на воени и други кризи? Каков ефект имаат војните и воено-безбедносните кризи и поларизација врз можностите циркуларната економија да стане доминантен тренд во економијата во светот?
Поповски: Воените и други поврзани кризи како што е енергетската криза која најдиректно влијае врз економијата, а каде највидлива последица е покачената инфлација и генералниот тренд на осиромашување, неминовно влијаат и врз воспоставувањето и развојот на циркуларната економија.
Во вакви услови, циркуларната економија но и генерално економијата на државите е изложена на пореметување на синџирите на снабдување особено доколку снабдувањето се одвива низ зони кои се најдиректно изложени на воениот конфликт. Од своја страна, оваа состојба упатува на потреба колку е можно повеќе да се’ користат сопствени ресурси или ресурси од поблиското опкружување. Секако, во директно афектирани држави од воени дејствија се случуваат штети врз критична инфраструктура кои оневозможуваат меѓу останатото и стабилно спроведување на процеси за рециклирање и управување со отпадот. Индиректна последица од воените и поврзаните кризи е и деприоретизацијата на циркуларната економија за сметка на итни вложувања за помош на населението и за обнова на инфраструктурата иако и таа обнова е пожелно да се врши врз основа на начелата за ре-употреба на материјали, особено во градежниот сектор.
Истовремено, следот на дејствија во засегнати зони од конфликти или во нивно непосредно опкружување, упатува на искористување на сопствените ресурси до максимално можно ниво, па оттаму и стратешкото значење на воспоставените економски системи за ре-употреба на ресурси, кое расте пропорционално со изложеноста на кризата, зголемувајќи го степенот на самостојност и независност на државите доколку овој сегмент од економијата се воспостави навреме и се изнајдат начини за негово стабилно функционирање и во услови на криза. Со други зборови, околностите упатуваат на се’ поголемо значење на политиките за зголемување на отпорноста на кризи.
ЦИВИЛ: Како конкретно влијае руската воена агресија врз можностите за развој на концептот на циркуларната економија во земјата и во регионот?
Поповски: Руската воена агресија врз Украина предизвика големо и широко негативно економско влијание. Ова особено се однесува на пореметеното снабдување со гас, потоа, употребата на природниот гас како политичко средство за притисок односно хибридно средство на Руската федерација, кое неминовно доведе до создавање и спроведување на мерки за поголема енергетска независност како во најголем дел од Европската Унија, така и во државите кандидати за членство но и во европското соседство. Оваа донекаде и претходно планирана но сега забрзана енергетска транзиција е соочена со низа предизвици меѓу кои и социјални, во смисла на осигурување дека нема да се случи голем бран на невработеност во економски, енергетски и индустриски сектори кои беа или сеуште се зависни од употреба на природниот гас, и дека основните јавни услуги, а особено загревањето на домовите во зимскиот период ќе се одвива непречено. Екстерналија од овој воен конфликт е и потенцијалното осиромашување на населението поради покачените цени на енергенсите кое се превенира со државно субвенционирање на цените на овие услуги но повторно за сметка на финансирање на други развојни програми со јавни средства, а кои се ограничени во услови на пост-пандемиска и поврзана економска криза.
Не треба да се потценува и состојбата на економска неизвесност во услови на пролонгирана војна во Украина, која ќе продолжи да има негативно влијание, не само политичко- поради хибридните дејствија, туку и непосредно врз трговијата и со други суровини покрај гасот како енергенс, потенцијално намалени инвестиции вклучувајќи и во циркуларната економија, а преку тоа и на севкупниот економски раст на директно и индиректно афектираните држави.
Оваа состојба придонесува засегнатите влади да ги потиснат еколошките политики во втор план поради фокусот врз безбедноста вклучувајќи ја и енергетската сигурност, како и поради потребата првенствено да се осигура економска стабилност. Од друга страна, пролонгираната војна во Украина, го придвижува процесот на проширување на Европската Унија и потенцијално го скратува периодот до зачленување во Унијата што од своја страна создава можности особено за државите кандидати да се стекнат со повеќе финансиски средства за вложување во сопствениот енергетски, инфраструктурен и економски развој. Во овој контекст треба да се одбележи и почетокот на спроведување на Планот за раст на Западниот Балкан, кој е поддржан со 6 милијарди евра помош од страна на ЕУ. Спроведувањето на овој план е обусловено и со реформи, чиј составен дел е и зелената агенда.
Не помалку значајно е на последиците од војната да се возврати со подготвеност за продлабочена регионална соработка во доменот на енергетската безбедност и еколошката одржливост.
ЦИВИЛ: Енергетската криза што ја предизвика руската агресија и вооружувањето на енергенсите и храната, сепак го направија своето. Според податоците на Светската метеоролошка организација, се уриваат рекорди во емисијата на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина во последните десет години. Од друга страна, емисијата на штетните гасови би била најмалку 50% повисока ако изостанат новите зелени технологии во автомобилизмот, индустријата, снабдувањето со топлинска и електрична енергија. Што треба да направи светот? Како Северна Македонија може и треба да се приклучи кон трендовите?
Поповски: Вистински и ефективен одговор е да се осигура финансиска поддршка и институционална овозможувачка средина за зелените политики но и за создавање на зелени пазарни сегменти и квалитетни зелени работни места.
Неопходна е и зелена даночна политика, субвенционирање на сектори кои користат зелени технологии и поголемо внимание и инвестиции во енергетската ефикасност. Истовремено мора да продолжи процесот на зголемување на производството на енергија од обновливи извори, а кое истовремено осигурува поголема отпорност на кризи и политичка независност. На располагање се и инструменти како зелените обврзници за финансирање на капитални проекти за зелена инфраструктурна и технолошка трансформација.
Предуслов за ефективен одговор на овие предизвици е да се јакне соработката помеѓу сите засегнати страни, државата односно јавниот сектор, приватниот сектор, граѓанскиот и академскиот сектор преку создавање на целисходни партнерства.
ЦИВИЛ: На кој начин влијаат политичките кризи во земјата врз циркуларната економија, како во нашата, така и во други земји? Кои се Вашите сознанија и препораки?
Поповски: Транзицијата на власта пожелно е да се одвива на еден умерен начин без притоа да се нанесе влијание врз стратешките правци на државата. Во овој контекст неопходно е да се осигура повисок степен на конзистентност и во поглед на политиките кои беа насочени кон воспоставување на основите на циркуларната економија во Северна Македонија, а кои во најголем дел беа и се придвижени од процесот на хармонизирање на нашето законодавство и политики со тие на Европската унија, овозможувајќи услови за поефикасна и поефективна конвергенција на нашата економија со таа на Унијата. На тој начин ќе се овозможи повисок степен на сигурност на направените инвестиции во овој и други поврзани сектори и ќе се создадат дополнителни можности за привлекување на домашни и странски инвестиции во технологии поврзани со циркуларната економија. Сето ова треба да се одрази во индустриската но и други поврзани политики на новата влада.
Нареден тест за посветеноста на новата влада на развој на циркуларната економија е колку ќе изнесува реалната алокацијата на јавни финансиски средства за спроведување на поврзани програми. Дали и колку развојот на циркуларната економија ќе се смета за приоритет? Истовремено, поддршката за циркуларната економија изискува силан координација и интероперабилност на државните институции но и на локалните власти, како и потреба од воспоставување на одржливи механизми за координација и консултации со приватниот сектор и образовните установи.
Не треба да се потцени и потребата од вложувања во човечките ресурси, за изградба на капацитетите на сите засегнати страни, за да може циркуларната економија не само да се воспостави туку и одржливо да функционира.
Повеќе информации:
Содржината е дел од големата регионална иницијатива за одбележување на Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан (27-31 мај 2024) под мотото „Одржливи мостови: Обединување, издигнување, надополнување“ што го спроведува регионалната мрежа ЛогЕкс, каде ЦИВИЛ е членка, на иницијатива на угледната тинк-тенк организација Балкан Форум од Косово, а со поддршка од Rockefeller Brothers Fund од САД.