Предизвикот на човештвото во XXI век е создавање на флексибилни општества, верни на определбата за почитување на вредностите поврзани со човековата слобода, достоинството, еднаквите можности, почитувањето на човековите права, филантропијата, антикорупцијата, квалитетот на производите, општества кои ќе придонесат за постигнувањето на целите за одржлив развој, иновативни економии и здрава животна средина, со можности за просперитет и благосостојба за сите.
Да се биде глобално одговорен, значи да се цени и почитува светoт околу себе, светот од кој сме дел сите и за чие подобрување треба активно да се вклучиме и учествуваме (сите граѓани, општествени заедници, институции на системот, бизнис секторот), секогаш имајќи ги на ум солидарноста и општото добро.
Учејќи и образувајќи се за различните места, култури, општества, но и за заедничкиот соживот и соработка кои водат до општ прогрес, учиме за нашата граѓанска одговорност и за тоа што значи да се биде глобално компетентен и одговорен граѓанин.
Глобална одговорност значи индивидуални, организациски и институционални должности, обврски и одговорност за дејствување или извршување на начини во согласност со глобално прифатените стандарди и норми на однесување. Глобалните стандарди и норми се значително развиени во последно време, како што се 17-те цели за одржлив развој на Обединетите нации, 10-те принципи на Глобалниот договор на ОН, Декларацијата за основните принципи и права на работа на Внатрешната организација на трудот, Универзалната декларација за човекови права и многу други глобални стандарди во областите на корпоративната општествена одговорност, одржливиот развој и корпоративното управување. Глобалната одговорност на поединци, организации и институции опфаќа морални, социјални, економски политички, правни и еколошки одговорности.