Со две години доцнење, во 2022 година развиените земји во светот конечно го исполнија нивното ветување од 2009 година да мобилизираат 100 милијарди долари годишно за поддршка на климатските напори на земјите во развој. Но, сега е време да се погледна подалеку од оваа пресвртница.
Транзицијата кон чиста енергија претставува длабоко макроекономско прашање, но ние продолжуваме да ѝ пристапуваме како на микроекономски проблем. Без корекција на курсот, поддршката за декарбонизација во земјите во развој сигурно ќе ослабне.
Една причина за ова е што повеќето земји во развој се блиску до плафонот на нивниот надворешен долг, ограничувајќи ја нивната способност за задолжување. Плафонот е низок поради високите каматни стапки со кои се соочуваат и нивниот недоволен извозен капацитет, кој е премногу слаб за да ги генерираат девизите потребни за сервисирање на надворешните долгови.
Првобитното образложение за климатските финансии беше јасно: климатските промени се поттикнати од емисиите на јаглерод диоксид. Богатите земји – дом на само 16% од светското население – се одговорни за поголемиот дел од CO2 што се ослободува во атмосферата од Индустриската револуција и сé уште сочинува околу 25% од годишните емисии. За да се спречи климатска катастрофа, мора да постигнеме нето-нулта емисии, што бара преостанатите 84% од глобалното население да се откажат од придобивките од употребата на фосилно гориво. За да се направи оваа промена попривлечна, владите на богатите земји се обврзаа да им обезбедат на економиите во развој евтино финансирање како поттик за декарбонизација.
Сега кога целта од 100 милијарди долари конечна е исполнета, можеме ли навистина да кажеме дека ова ветување е исполнето? Одговорот зависи од тоа како ги разбираме трошоците за финансирање. Микроекономскиот аспект би го испитал секој проект поединечно, проценувајќи ги неговите трошоци и придобивки. Ако придобивките ги надминуваат трошоците, проектот создава вредност.
Спротивно на тоа, макроекономскиот пристап би го разгледал опортунитетниот трошок на земјите кои го користат нивниот ограничен капацитет за задолжување за проекти поврзани со климата наместо други развојни цели како економскиот раст, образованието и здравствената заштита. Колку повеќе една земја се задолжува за климатски иницијативи, толку помалку флексибилност има за решавање на други приоритети – освен ако климатските финансии не може некако да го прошират својот капацитет за задолжување.
Теоретски, ова треба да е можно. Со намалување на трошоците за долгот или поттикнување на извозот – со што се заштедуваат или генерираат девизите потребни за поддршка на повисокиот плафон на долгот – климатските финансии би можеле да го зголемат капацитет за задолжување на земјите во развој.
Но, ниту една од овие опции во моментот не е на маса. За жал, фокусот останува на вкупниот износ на климатски финансии, а не на големината на субвенциската компонента што – со забрана за зголемување на извозот – би можело да им овозможи на земјите да обезбедат дополнително финансирање без да ги прекршат границите на нивното задолжување. Во отсуство на такви субвенции, што не ги вклучуваат приватните финансии, земјите се оставени да спроведуваат климатски проекти на сметка на други развојни проекти.
Мултилатералните развојни банки ја илустрираат оваа динамика. Додека мултилатреалните развојни банки го зголемија нивното вкупно годишно финансирање, речиси целиот дополнителен капацитет за заем е насочен кон климатските финансии, што достигна рекордно високо ниво од 125 милијарди долари во 2023 година, оставајќи други суштински развојни потреби неисполнети. Како последица, земјите во развој се принудени сами да ги сносат макроекономските трошоци на декарбонизација, и покрај гаранциите од Парискиот договор од 2015 година за значајно споделување на товарот.
Зголемениот извоз, од друга страна, би можел значително да го зголеми плафонот на задолжување на земјите во развој, правејќи ги климатските напори многу покорисни. На крајот на краиштата, јаглеродната неутраноста бара не само посветеност за намалување на емисиите, туку и пристап до неопходните алатки за постигнување на таа цел. Ова значи зголемување на глобалните синџири на снабдување за технологии за чиста енергија како што се соларни панели, ветерни турбини, електрични возила и батерии, од кои сите се потпираат на критични минерали.
Бидејќи е многу поскапо да се транспортира зелена енергија отколку фосилни горива, поефикасно е да се користи каде што се произведува. Ефикасниот глобален напор за декарбонизација оттука би барал преместување на енергетски интензивните индустрии во региони со обилна, достапна чиста енергија – стратегија позната како „powershoring” (привлекување на индустриски постројки напојувани со чиста енергија).
За да се олесни поефективен климатски договор, земјите во развој мора да играат многу поголема улога во глобалните напори за ублажување. Постојат два начини да се постигне ова. Првиот е да се подобри способноста на овие земји да произведуваат и извезуваат овозможувачи на декарбонизација и нивните компоненти. Вториот е да се подобри нивната инфраструктура за зелена енергија, со што ќе се охрабрат главните емитери да се преместат во нововоспоставени зелени индустриски паркови. Заедно, овие чекори би можеле да ги позиционираат земјите во развој како клучни снабдувачи во транзицијата кон чиста енергија, поттикнувајќи како економски раст, така и одржлив развој.
При „Лабораторијата за раст на Харвард“, ги проучуваме синџирите на зелена вредност за да ги идентификуваме најизводливите и најветувачките производи и компоненти за чиста енергија, приспособени на постоечките способности на секоја земја. Со поддршката на владата на Азербејџан, домаќин на овогодинешната Конференција на Обединетите нации за климатски промени (COP29), создадовме веб-страница за зелен раст наречена „Greenplexity“. Заедно со нашата „Atlas of Economic Complexity“, што сега покрива зелени производи, оваа алатка им овозможува на земјите да ги исцртаат сопствените единствени патеки за раст во една глобална економија што се декарбонизира.
Со користење на способностите на земјите во развој, можеме да ја забрзаме глобалната декарбонизација, истовремено создавајќи нови развојни можности. Овој пристап не само што би ги унапредил клучните климатски цели, туку и би обезбедил поголем дел од светското население да ужива во плодовите на транзицијата кон чиста енергија.
Project Syndicate / Рикардо Хаусман, поранешен министер за планирање на Венецуела и поранешен главен економист во „Интерамериканската банка за развој,“ е професор на школата „Харвард Кенеди“ и директор на „Лабораторијата за раст на Харвард“
Превод: Н. Цветковска