Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) дава нова поддршка за зелено финансирање на Комерцијална банка АД Скопје во Северна Македонија.
Кредитот на ЕБОР, во износ до ЕУР 4 милиони, е одобрен од Програмата за зелено финансирање, и ќе обезбеди пристап до финансирање на малите и средни претпријатија (МСП) за инвестиции кои ќе се квалификуваат за поддршка, а се од сферата на технологии за обновлива енергија и/или енергетска ефикасност, наменети за поддршка на зелена и инклузивна транзиција на економијата во приватниот сектор во Северна Македонија.
Програмата за зелено финансирање е програма која се реализира заедно со Обединетите Нации, и е финансирана од Заедничкиот фонд за целите на одржлив развој, Владата на Северна Македонија, ЕБОР и локалните финансиски институции. Истата се имплементира заеднички од страна на УНДП, Меѓународната организација за миграции, Економската комисија на Обединетите Нации за Европа, ЕБОР и Владата на Северна Македонија, со поддршка на Резидентниот координатор на Обединетите Нации во Северна Македонија.
Заедничката програма бара да се обезбеди пристап до достапна зелена енергија за МСП, и пазарните целни групи на поединци/домаќинства кои немаат пристап до финансии, со цел да инвестираат во обновлива енергија и решенија на енергетска ефикасност, кои придонесуваат за намалување на емисиите на стакленички гасови и загадувањето на воздухот во земјата.
Договорот за кредит беше потпишан од Фатих Туркменоглу, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија и Маја Стевкова Штериева, Доктор на науки, Главен Финансиски Менаџер и Член на Бордот на Директори на Комерцијална банка АД Скопје.
Фатих Туркменоглу изјави: ,,Овој кредит под Програмата за зелено финансирање ја одразува нашата посветеност за зајакнување на малите и средни претпријатија во земјата, за прифаќање на технологии од обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Среќен сум што Комерцијална банка, за прв пат, се приклучува на оваа иницијатива за обезбедување на кредитирање преку Програмата за зелено финансирање. Преку олеснување на пристапот за одржливо финансирање, имаме за цел да ја поттикнеме зелената и инклузивна економска транзиција, овозможувајќи одговорен раст на бизнисите, и нивен придонес во борбата во справување со климатските промени.”
Госпоѓа Стевкова Штериева истакна: ,,Горди сме што имаме клучна улога за поддршка на локалните мали и средни претпријатија и нивната транзиција кон решенија за користење на одржлива енергија. Ова финансирање ќе им овозможи на компаниите кои се квалификуваат, да имаат пристап до капиталот кој што им е потребен за инвестирање во технологии од обновливи извори на енергија, и енергетска ефикасност, помагајќи им да ги намалат трошоците, да го подобрат еколошкото влијание, и да придонесат кон транзиција кон поодржлива иднина. Како банка, посветени сме за зајакнување на иновативноста и привлекувањето на економскиот раст во нашите заедници, преку поддршка на МСП во преземање на храбри чекори кон позелена економија.”
Комерцијална банка АД Скопје е најголемата банка во Северна Македонија. Таа има најголема мрежа на експозитури во земјата, и нуди широк дијапазон на комерцијални банкарски услуги за поединци и компании во целата земја.
ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија, и до денес има инвестирано над ЕУР 2,9 милијарди во 197 проекти во земјата.