„Наша енергија, наша планета“ е мотото под кое годинава се одбележува 22 април, Денот на планетата Земја. Преминот кон чиста и одржлива енергија е суштински за опстанокот на планетата на која живееме, заради намалување на употребата на фосилните горива и намалувањето на влијанијата на климатските промени. Годинава се одбележуваат 55 години од глобалното движење, a фокусот е ставен на итната потреба тројно да се зголеми глобалното производство на обновлива енергија до 2030 година, како еден од најмоќните одговори на климатската криза. Решенијата за тоа веќе се познати, користењето на енергијата на сонцето и ветерот и геотермалната енергија, кои се еден од најмоќните оружја против климатските промени и начини да се изгради одржлива иднина.
Во земјава, најмалку два региони се зависни од фосилните горива и чекаат праведна транзиција. Според Ана Чоловиќ Лешоска извршна директорка на „Еко-свест“, преминот кон обновливи извори на енергија покрај тоа што е обврска од меѓународни договори и пактови, е и морална обврска кон идните генерации.
„Денеска, кога светот го одбележува Денот на планетата Земја, ја потсетуваме јавноста дека енергетската транзиција мора да биде праведна. Тоа значи активно учество на заедниците во одлуките кои се носат за развојот на нивните заедници“, истакна Чоловиќ Лешоска.
„Еко-свест“ ја креираше веб-страницата www.prosumer.mk која има за цел да ги информира и води сите заинтересирани граѓани кои сакаат да станат производители на електрична енергија од обновливи извори за сопствени потреби. На оваа платформа може да се најдат сите потребни упатства, законски процедури и практични совети за процесот на приклучување, со цел да се поттикне порастот на домашното, децентрализирано производство на чиста енергија и учество на граѓаните во енергетската транзиција.
Во Битола, како еден од регионите најзасегнати со праведната транзиција, „Еко-свест“ се залага за замена на постоечките капацитети за производство на електрична енергија кои користат загадувачки енергенси со решенија базирани на обновливи извори на енергија имајќи ги притоа во предвид работниците и стабилен економски раст на регионот.
„Континуирано работиме во Битола, каде што заедно со заедниците, институциите, експертите и бизнисите градиме основа за транзиција која ќе биде праведна. Само преку соработка помеѓу сите засегнати страни можеме да постигнеме вистинска промена“, смета раководителката на програмата за клима, Елена Николовска.
извор: МЕТА