Од крајот на јуни 2025 година, локалните жители и еко-активисти започнаа долготрајна граѓанска блокада на патот кон Кожуф и реката Дошница, спречувајќи градежни машини да пристигнат до локацијата на планираните две мали хидроцентрали. Според нив, одлуката за изградба на хидроцентралите е направена без транспарентност и со концесии доделени во сомнителни околности.
“Нема да ви дозволиме да ги исечете вените на Кожуф,” е еден од слоганите на протестите, со кој граѓаните симболично укажуваат на штетноста од интервенциите врз природата. Граѓаните се жалат дека не биле информирани за проектот сè до дека не стигнале багерите.
Активистите предупредуваат дека проектот ќе ја деградира реката Дошница и загрозува ендемски видови (пчели, пастрмка, шумски видови) поради план да се префрлат води преку 20 км цевководи.
Мали хидроцентали во Дошница
Концесионерот за проектите на Дошница е компанијата „Хидро Дошница ДОО Скопје“, а проектот се поврзува со сопственикот на спортскиот центар „Спортлајф“, Ѓоко Стерјоски, кој е потенцијален инвеститор за двете мали хидроцентрали.
Концесиите биле доделени од општина Кавадарци во 2024 година, без јавни консултации и без транспарентност кон локалната заедница. Министерството за животна средина, според закон за малите хидроцентрали не бара студија за влијание врз животната средина, туку само елаборат, кој не вклучува јавност или експертски расправи.
Планираните хидроцентрали бараат ѕидови, цевки и пресушување на делови од реката, што сериозно се заканува на биодиверзитетот и ендемските видови како пастрмката и автохтоната медоносна пчела.
Во претходна фаза, државата потпиша 21 нов договор за мал објект (до 23 MW), со инвестиција од околу 40 милиони евра со инвестициски компании од Италија и Македонија. Сепак, високи интернационални тела, вклучувајќи ја Бернската конвенција, побараа повлекување на концесии во заштитени подрачја и укинување на искажани проекти, особено во заштитени подрачја како националниот парк Маврово.
Планината Кожув не е заштитено подрачје, добивање концесија е полесно, а како сопственост на државата, на Владата и е полесно да одобри изградба. „Баров Дол“ и „Папрад“ се локациите на реката Дошница каде се планирани двете мали хидроцентрали.
Штетата која би ја предизвикале е немерлива, според екологистите, a голем дел од планината Кожув е дел од Emerald Network, дел од Бернската конвенција за заштита на дивиот свет и природните живеалишта во Европа.
Грета Тунберг на протестите против уништувањето на Дошница
Присуството и улогата на Грета Тунберг, која ги поддржа блокадите и ги нарече „глобална битка за климатска правда“, по правило требаше да го интернационализира локалниот протест и да повика на солидарност и освестување за она што е круцијално за сите – зачувување и заштита на природа, а во случајот со Дошница е една од ретките подрачја во Европа каде водата е чиста и може да се пие.
Но, нејзината порака дека секоја локална борба е и глобална, дека моќта е во заедничката поддршка против властите, односно сите оние кои за профит ја уништуваат природата, за жал, помина и со негодување, а по социјалните мрежи и со говор на омраза.
Која е Грета Тунберг?
Грета Тунберг е шведска климатска активистка која започна со глобалната иницијатива „Fridays for Future“ уште на 15‑годишна возраст. Таа стана значаен глас во мобилизирањето на младите за климатските промени и екологија. Нејзината улога во светот на активизмот и борбата за климатски промени значително и во светски рамки се прошири по обраќањето, септември 2019 година, на Самитот на ООН за климатски активности во Њујорк.


На покана од локалните активисти и организации, Тунберг се приклучи на блокадите на Кожув. Таа ги повика властите да воспостават вистински дијалог со локалните заедници и да го стават јавниот интерес и еколошката одржливост пред економските интереси на поединци.
Одговор на институциите
По засиленото медиумско внимание и посетата на Тунберг, од Министерството за животна средина и просторно планирање излегоа со официјална изјава во која најавуваат „внимателна ревизија на постапките за издавање дозволи“ и повикуваат на смиреност и институционален дијалог, објавија медиумите.
Од министерството најавуваат отворање на постапка за дополнителна еколошка ревизија на двата проекти и дополнителни експертски мислења за потенцијалното влијание врз реката Дошница.
Од Владата, исто така, беше упатен повик до граѓаните „да се воздржат од блокади кои може да доведат до инциденти“ и се најави дека во наредните денови ќе се одржи средба со претставници на локалните заедници, еколошките организации и инвеститорите.
Б. Ј.