Проектот EU4Green отвори регионален фото натпревар – најзелените примери од Западен Балкан, наменет за домашни фотографи од целиот регион. Намерата е да се презентираат приказни за природата и заштитата на животната средина и да се прикажат добри практики што водат до зелена трансформација.
„Мотивите треба да вклучуваат предизвици и проблеми создадени од човековото дејствување, како и да ја покажат важноста на контролата на загадувањето, иновациите и одржливоста. Учесниците треба да испратат серија од 4 до 6 фотографии на следниве теми: циркуларна економија, одржливо земјоделство, намалување на загадувањето, зелени финансии, зелено образование, биодиверзитет. Делата треба да имаат јасна еколошка порака и уметнички дух“, се вели во повикот.
Поединечните фотографии, како и содржината генерирана со помош на алатки за вештачка интелигенција, нема да бидат разгледани. И возрасни лица кои не се професионални фотографи, туку се занимаваат со фотографија како хоби, можат да учествуваат во натпреварот.
Потребно е да испратите фотографии со висока резолуција (мин. 300 dpi) со краток опис, локација и датум на contact@eu4green.eu до 15 август.
Серија фотографии може да се испратат преку услуга за пренос на датотеки (WeTransfer, Swiss Transfer) со линк во телото на е-поштата или како прилог во е-пошта. Авторите на најдобрите фотографии ќе бидат наградени со еко-туристичко патување во регионот, а најдобрите дела ќе бидат изложени како дел од патувачка изложба што ќе го обиколи целиот Западен Балкан.
Наградите ќе им бидат доделени на најуспешните автори на свеченото отворање на изложбата, а нивните дела ќе бидат промовирани преку социјалните медиуми на проектот EU4Green, веб-страницата, медиумите и преку мрежата на регионални партнери, пренесе МЕТА.