На 28 мај, во селото Blatten во Алпите, огромен дел од глечер се одвои од планината и предизвика лавина од камења, мраз и земја. Резултатот беше стравична разорна моќ – целиот дел од селото беше срушен и погребан под рушевини.
Локалните жители, во шок, се соочуваат со непредвидливата закана од климатските промени кои го топат мразот и ослободуваат нестабилни маси од карпи. Според жителите од околните заедници, ова било „само врвот од ледениот брег“ — предупредување дека многу други планински села можат да бидат следни во редот за вакви катастрофи.
Сега, како што климатските промени ги зголемуваат просечните температури, а топењето на пермафростот ги дестабилизира карпестите формации, другите градови во регионот стравуваат дека наскоро би можеле да доживеат слична судбина, се вели во видео прилогот на France24.
Во Швајцарија постојат многу места каде земјата се поместува. Тие движења се нормални, но научниците сметаат дека треба да се следат. На тој начин може да се предвиди кога би се случила следна лавина или друг тип на природна катастрофа. Тоа би помогнало и при рано предупредување и евакуирање на селата и градовите под Алпите.
Кандерштег е едно такво градче во Швајцарија. Локалните власти вложиле многу во технологија и системи за рано предупредување која може да ги прави овие мерења и да ги предупреди жителите од можна катастрофа.
Локалните власти велат дека овој принцип на следење најверојатно ќе треба да се примени во целиот Алпски регион.