Можноста да се има пристоен и достоинствен живот е едно од основните човекови права. Но, нискиот животен стандард кој подразбира ниски приходи, несооддветно образование и здравство, кршење на работничките права, исклученоста на социјално ранливите групи граѓанки и граѓани од општествениот, политичкиот и социјалниот живот, се високи индикатори за степенот на сиромаштија во Македонија.
Во пресрет на Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата, утре на 17 октомври, Македонската платформа против сиромаштија, Фондација Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и EAPN – European Anti Poverty Network, организираат конфереција на тема Инклузија: „И јас сакам да имам живот како другите!“, со почеток во 10 часот во кино „Култура“.
„Македонија го дочекува овој ден токму со сиромаштија“ изјави Милан Живковиќ од ФЕС – канцеларија Скопје, за ЦИВИЛ Медиа.
Од организторите најавуваат дека на коференцијата ќе се слушне гласот токму на оние социјално ранливи групи на граѓани, кои на креаторите на социјалните политики ќе им покажат што значи да се биде сиромашен, безгласен, исклучен и заборавен.
ЦИВИЛ – Центар за слобода во своето истражување, како дел од проектот „Социјална правда, сега!“, минатата година дојде до поразителни бројки за степенот на сиромаштијата во Македонија. За жал, околу 50% од населението во Македонија сé уште живее во исклучително тешки услови, а нивните човекови права и слободи од ден на ден, се сé повеќе загрозени.