Наместо видливи квалитетни реформи коишто ќе нѐ водат кон патот на што подемократски и покредибилни избори, македонската јавност изминатава недела беше консумент на лаги и фингирани факти од политичари – репрезенти на Владата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во презентирањето на овие сценарија кои треба да го спасат дополнителниот министер Диме Спасов, провладините медиуми, недвосмислено, отворено ја играа улогата на медумски инструмент на Владата за креирање јавно мислење, кое треба до перфекција да создаде виртуелна слика, дека секој претставник на власта, особено од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, е безгрешен и жртва на опозиционата машинерија, од каде, наводно, се креираат невистини.Така, фокусот на граѓан(к)ите е целосно дислоциран од она што значи предизборие и видливи реформски зафати во сите сфери, согласно со Договорот од Пржино, којшто требаше да ја спаси Македонија од долготрајната политичка криза.
Партиите ги кројат изборните листи
Опозиционата СДСМ на Конгрес ги усвои кандидатските листи, промовирајќи ги кадрите со кои ќе ја освојува власта, во коалиција со партии од левичарскиот блок. Меѓу кадровските решенија има и истакнати борци на Шарената револуција. Изборот на кандидати предизвика турбуленции и меѓу партиското членство и во пошироката јавност.
Додека лидерот на СДСМ, Зоран Заев вети изборна победа, експремиерот Никола Груевски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој е дел од неколку кривични предмети на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) поврзани со аферата „Прислушување“, побара повторно 63 пратенички места од своето гласачко тело, на 17-тата Конференција на Унијата на жени. Во своето експозе, тој упати и критики до опозицијата, СЈО и меѓународната јавност.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во Тетово на собирот на Форумот на жени на партијата рече дека претстојните избори на 11-ти декември се многу важни и дека партијата во изминативе две години се соочила со многу тежок мандат, „што не би сакале да се повтори“.
Тројцата партиски лидери: Љубчо Георгиевски (ВМРО-НП), Љубе Бошковски( Обединети за Македонија) и Стојанче Ангелов (Достоинство) ја формираа коалицијата „ВМРО за Македонија“, ветувајќи заложби за демократизација на државата, влез во Европската унија, пораз на корумпираното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и враќање на старото, автентично членство на партијата.
Коалицијата за промени и правда повика на кандидатските листи да нема обвинети и осомничени лица.
ДИК со апел за последни проверки во Избирачкиот список
Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК) низ државата, јавен увид во Избирачкиот список извршиле околу 4.000 граѓани. Преку веб апликацијата, од 29.858 чии записи по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, се пријавиле 407 граѓани, за запишување во Избирачкиот список. ДИК се обратила и со лични писма на домашна адреса до сите граѓани поединечно. ДИК ги потсетува граѓаните дека оваа дополнителна можност за пријавување е всушност и последна. До сите оние кои се на овој список, а сакаат да гласаат на претстојните избори, ДИК апелира да извршат проверки на списокот и најдоцна до 11 ноември, да поднесат пријава за запишување. Пријава може да се поднесе и електронски и во подрачните одделенија.
ДИК апелира и до македонските државјани во дијаспората, да ја искористат можноста за пријавување за гласање за предвремените парламентарни избори до крајниот рок – 11 ноември. Од ДИК посочуваат дека согласно со одредбите на Изборниот законик, еден пратеник во Седмата изборна единица ќе биде избран, доколку листата на кандидати за пратеници освоила најмалку онолкав број гласови, со којшто е избран пратеник на последните парламентарни избори, поточно 6.478 гласови.
И покрај најавите на ДИК дека Избирачкиот список е прочистен од фантомски гласачи, граѓан(к)ите реагираат, пријавуваат нерегуларности, евидентирање на непостоечки адреси. Особено е скандалозен случајот во Тетово, каде 259 гласачи се евидентирани на непостоечка адреса, на која нема објект, туку има паркинг простор.
Мисијата на ОБСЕ-ОДИХР го започна набљудувањето за предвремените парламентарни избори во Македонија со 334 набљудувачи.
ЦИВИЛ-Центар за слобода отвори онлајн апликација за кандидатите за изборно набљудување. ЦИВИЛ изборите ќе ги следи со 300 долгорочни и краткорочни набљудувачи.
Специјалната обвинителка на силен удар од власта
Иако Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е формирано согласно со Договорот од Пржино, неговата работа се попречува контиунирано од државните институции, а изминатава недела под лупа е ставена и наводната политичка активност на специјалната обвинителка, Катица Јанева. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Јанева е кадар на СДСМ, објавувајќи ја наводната членска книшка на обвинителката од периодот, кога лидер на оваа партијата беше Бранко Црвенковски. СДСМ соопшти дека се работи за фалсификуван документ и со тврдење дека обвинителката ниту денес, ниту во минатото не била член на оваа партија.
Вo среда е закажана првата седница на Уставниот суд со новиот претседател Никола Ивановски, но на дневен ред и овој пат не е ставена Иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на Законот за Специјалното јавно обвинителство. Иницијативата веќе една година е во фиоките на судот и покрај бројните повици од опозицијата и од невладиниот сектор.
Во меѓувреме, во СЈО се појави Сашо Мијалков, ексдиректор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) со својот адвокат. Тој како првоосомничен за постизборно малтретирање на Љубе Бошковски (во јуни 2011), во случајот „Тортура“ побарал увид во доказниот материјал собран за истрагата и реагирал на присуството на новинарите пред објектот на СЈО. Мијалков е осомничен во уште два случаја на СЈО, „Тврдина“ и „Трезор“.
Одбиено е барањето на СЈО, за да се одредат мерки на претпазливост, односно, да им се одземат пасошите на Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски и Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер во МВР, осомничени во случајот „Трезор“.
СЈО сè уште ги разгледува вештачењата и доказниот материјал, коишто му ги доставила одбраната на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, во предметот „Транспортер“, што СЈО го води и против 22 осомничени, кои се товарат дека го оштетиле буџетот на Општината за 360 илјади евра, преку незаконско организирање на училишниот превоз. Откако СЈО ја известиле одбраната дека истрагата за „Транспортер“ е завршена, добиле барање од одбраната да ѝ го достават доказниот материјал.
Провладините медиуми во служба на власта, надвор од професионалните стандарди
Медиумската сфера е поларизирана и далеку од декларативните заложби на релевантните политички субјекти, потписнички на Договорот од Пржино, за медиумски реформи.
Изминатава недела, и аферата „Спасов“ потврди дека нема реформи што ќе значат враќање на професионалните стандарди и принципи за објективно, вистинито и балансирано информирање на јавноста. Провладините медиуми застанаа во отворена одбрана на владејачката ВМРО-ДМНЕ и дополнителниот министер Диме Спасов. Коментарите со жестоски напади на опозицијата, обвинувања дека СДСМ и министерот Оливер Спасовски се креатори на лажни сценарија, наликуваа на филмска режија со медиумска сценографија.
Моника Талеска