Меѓународниот ден на човековата солидарност, којшто Обединетите нации го посветуваат на почитување на различностите, човековите права, искоренување на сиромаштијата, гладот и болестите, заштитата на планетата и обезбедување на достоинствен живот за сите луѓе, Македонија го пречекува со секојдневно кршење на основните човекови права и слободи, со голема омраза и несолидарност помеѓу граѓаните различни по етничка, верска и друга припадност, со една третина на населението што живее под прагот на сиромаштијата, со животна средина која се уништува секојдневно и безмилосно, со деградиран образовен систем кој е на дното на светските ранг-листи, како и со здравствен систем кој наместо да спасува, чини животи.
Како што се вели во објавата на ООН по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на човековата солидарност, овој ден треба да биде ден за прослава на нашето единство во различноста. Ден кога ќе ги потсетиме владите да ги почитуваат своите обврски кон меѓународните договори. Ден кога треба да ја подигнеме јавната свест за значењето на солидарноста. Ден за да се поттикне дебата за начините и промовирање на нови иницијативи за градење на солидарноста и искоренување на сиромаштијата.
За жал, ЦИВИЛ-Центарот за слобода констатира дека сите овие вредности брутално се газат во нашата земја. Македонија е повеќегодишен заложник на општествена, економска и политичка криза произведена од криминализирани политички структури, кои ги заробиле институциите и целото општество. Тие структури нудат делби наместо инклузивност, нудат омраза наместо солидарност, произведуваат нееднаквост и сиромаштија наместо благосостојба и просперитет, а наместо почитување и заштита, негуваат култура на неказнивост и на кршење на човековите права и слободи.
Ја користиме оваа прилика да го кренеме нашиот глас уште еднаш и гласно да ги потсетиме институциите на Република Македонија и сите релевантни политички чинители, кои имаат пресудно влијание на случувањата во нашето општество, дека нашата држава, како и другите земји – членки на Обединетите нации, ги прифати Целите за одржлив развој, што е нова, инклузивна агенда за развој, наследник на Милениумските развојни цели, чија цел е искоренување на сиромаштијата, заштитата на планетата и обезбедување на достоинствен живот за сите. Новата агенда е фокусирана на луѓето и планетата, базирана на човековите права и поддржана од глобално партнерство, решено да ги извлече луѓето од сиромаштија, глад и болести. Како што се вели во овогодишната објава на Обединетите нации, оваа агенда ќе се гради базирајќи на глобалната соработка и солидарност. Потсетуваме дека иако е потписник на овие светски документи, освен формално учество во проекти на ОН, кое не рефлектира суштински во работата на нашите институции, власта во Македонија не направила речиси ништо за спроведување на овие цели!
Затоа, да престанеме со поделбите, омразата, непочитувањето на правата и слободите, уништувањето на животната средина и општеството во целина! Институциите на земјата, но и политичките актери пред сè, треба да се фокусираат на произведување на решенија, а не на кризи! А патот до излезот од оваа состојба води преку дијалог, меѓусебно почитување и солидарност. Граѓанките и граѓаните на Република Македонија го заслужуваат тоа, и ништо помалку!