Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска одржа прес-конфереција на која го презентираше извештајот за работата на „СОС-телефонот за деца и млади“ во изминатата година. Драги Змијанац, директор на Меѓаши, изјави дека прекршувањето на правата на децата при бракоразводни постапки, семејното насилство и питачењето, односно, искористувањето на детскиот труд, се најчестите прекршувања на детските права.
На СОС-линијата во изминатата година се регистрирани 82 контакта, за вкупно 111 деца, каде постоело сомневање за прекршување на детските права. Од вкупно 82 јавувачи, само 5 се деца, а останатите 77 се возрасни лица од кои 3 анонимни и 4 правни лица.
Според извештајот, 33 деца биле потенцијални жртви на прекршување на правото при бракоразводна постапка, 21 пријава за деца кои се пожалиле дека се потенцијални жртви на семејно насилство, 11 дојави за деца-питачи и жртви на експлоататори на нивниот труд.
Директорот на „Меѓаши“, исто така, апелираше до телефонските оператори за хармонизација на СОС телефонот за деца и млади – 0800 1 22 22, со двата европски шестцифрени броеви за помош и поддршка на деца и млади – 116111 и 116000.
Во текот на 2016 година, Сервисот за директна помош и материјална поддршка го искористиле 138 граѓани кои живеат на работ на сиромаштија, кои 475 пати се обратиле и добиле помош од Детската амбасада „Меѓаши“.