Првата детска амбасада во светот, „Меѓаши“, бара надлежните институции итно да преземат соодветни мерки за деконтаминација на воздухот. Посочуваат дека загадениот воздух, предизвикува најголеми штети врз детското здравје и е најголем ризик фактор за смртноста на мaлите деца.
„Загадениот воздух трајно го оштетува детскиот мозок во развој. На децата им е загрозено, најелементарното право на живот. Тие се немоќни што било да сменат“, алармираат од „Меѓаши“.
Повикувајќи се на член 6 од Конвенцијата за правата на децата, чиј потписник е, Република Македонија велат од „Меѓаши“, државата е должна да им овозможи живот и правилен развој на децата.
„Според Светска банка, аерозагадувањето во Македонија убива 1.350 луѓе годишно. Децата се најчувствителна група, затоа што имаат организми во развој и побрзо дишење. Со тоа и побрзо внесување на загадените материи во телото. Секое второ болно дете минатата година се лекувало од респираторни болести, кои најчесто се директна последица на загадениот воздух. Децата се најпогодени, особено во грејната сезона, кога концентрацијата на цврстите честички е зголемена. Така што, бројни се последиците од аерозагадувањето по разни делови на организмот, а кај децата фокусот е врз белодробниот систем“ , изјави за Меѓаши, доктор Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје.
Истражувањето „Прочистете го воздухот, поради децата“, реализирано од УНИЦЕФ, покажува дека загадувањето на воздухот е важен фактор за смрт на речиси 600.000 деца во светот, помлади од пет години секоја година и е закана за животите и иднината на милиони други секој ден.
„Загадувачите не само што им штетат на детските бели дробови во развој, туку ја преминуваат границата меѓу крвта и мозокот и трајно го оштетуваат детскиот мозок во развој – па така и детската иднина. Ниту едно општество не смее да си дозволи да го игнорира загадувањето на воздухот“,категорични се од „Меѓаши“.
Реакцијата на „Меѓаши“ доаѓа по последните информации за енормната загаденост во државата. Мерните инструменти во повеќе градови во Македонија покажуваат присуство на ПМ10 честички и 30 пати над дозволените граници.
А, најголема загаденост на воздухот е евидентирана во скопската општина Карпош со измерени 1200 ПМ 10 честички. Македонија е на 17-то место на листата најзагадени земји, според извештајот на светската организација „Еко-експертс“. Просечната годишна концентрација на ПМ10 честички е во пораст и според Светска банка. Во извештајот за 2015 стои дека просечната годишна концентрација на ПМ 10 честички во земјава, изнесувала 39 микрограми на метар кубен.
Еколозите, граѓанските организации неодамна на протест пред Владата побараа итни мерки за деконтаминација, со рок на реализација. Но, се чини никој нема слух за овој во моментов аларманетен проблем во Македонија.