Наставникот по македонски јазик, Владо Димовски, граѓански активист, учесник во Шарената револуција и генерален секретар на невладината организација, Центар за меѓуетничка толеранција, добил отказ од политички причини од в.д. директорот на ОУ „Алија Авдовиќ“ во селото Батинци, општина Студеничани. Уште во предизборието поради неговата видлива граѓанска активност, вели дека му бил намален фондот на часови, а по изборите, в.д. директорот Кенан Имери, член на ДПА и претседател на Советот на Општина Студеничани му дал отказно решение, без да ги образложи причините за тоа.
„Ми беа прво одземени два часа, како опомена за моите активности надвор од училиштето, активностите во наставничкиот пленум, заложби по медиумите за квалитетно образование за да на крајот на јануари, таа опомена со одземање на два часа дојде до отказно решение. Добив отказно решение,без да биде наведена причината. А, во училиштето ‘Алија Авдовиќ’ работам од 2008 година. До денеска не сум ниту опоменуван, ниту казнуван. Наспроти тоа и минатата година бев оценет со одлична оценка и од Државниот просветен инспекторат на интегралната евалуација и од советникот по мојот предмет од Бирото за развој на образование“, вели Димовски.
Тој смета дека в.д. директорот на основното училиште „Алија Авдовиќ“ и етнички го дискриминира.
„Она што јас го почувствував како притисок од в.д. директорот Кенан Имери, сметам дека е голем чин на национална дискриминација, бидејќи во периодот додека работев таму, во голем дел на мои колеги кои се од албанска националност им беа издадени решенија, а на други колеги-не. И во последиве два месеца од тоа училиште сме отпушени четворица дипломирани професори, и сите припаѓаме на македонската заедница. На наше место се примени колеги од албанска националност, кои се со завршено средно образование, а ги предаваат нашите предмети“, реагира Димовски.
Тој во законски рок поднел жалба до Училишниот одбор, а денеска добил негативен одговор. Димовски е убеден дека и Училишниот одбор, којшто вели е еднонационален, ја прави истата грешка како и в.д. директорот.
„Според нив не е извршена национална и професионална дискриминација во мојот случај. На претседателот на Училишниот одбор му е трансформирано работното место како на Албанец,иако не ги исполнуваше условите, а мене како Македонец, ми беше одбиено барањето за трансформација на работното место“, забележува Димовски.
Во наставничкиот совет, како што објаснува, поголем број се наставници од албанска националност, во однос на оние од македонска. Од вкупно 64 паралелки во училиштето, само 8 се со ученици од македонска националност. Тој лично спроведувал проекти за меѓуетничка толеранција помеѓу учениците и како наставник имал голема соработка со родителите.Меѓуетничкиот соживот во селото смета дека треба да биде за пример за сите останати населени места во скопскиот регион. Затоа генерален секретар на Центарот за меѓуетничка толеранција, Димовски има порака до граѓаните во општина Студеничани.
„Во ситуација кога Македонија подолго време е со кревки меѓуетнички основи, мојата порака до граѓаните на општина Студеничани, е што поскоро да расчистат со ваквите националисти и оние кои што праќаат националистички пораки, преку откази, казнувања … и да се посветат на квалитетно образование. Родителите и граѓаните да бараат квалитетни кадри кои што ќе ги учат нивните деца“, порачува Димовски.
Камера: Атанас Петровски
Текст и монтажа: Моника Талеска