Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), доставија известувања со кои се бара Општина Охрид да го поништи одобрението за градба на хотел во туристичката населба „Лагадин“ на самиот брег на Охридското Езеро.
Одлуката за градбата на хотел во реон кој е заштитен од УНЕСКО, беше оспорувана во повеќе наврати од меѓународни експерти, а постоеше опасност поради неа, Охридското Езеро да ја загуби заштитата од УНЕСКО.
Во известувањето кое ДИГУ, го испрати до граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, е наведено дека се бара од Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба.
Во известувањето од ДИЖС се вели дека Општината го усвоила Општиот акт за Лагадин, прекршувајќи ја својата законска обврска да спроведе оцена на влијание врз животната средина!
„Инспекторатот за животна средина ги потврди и нашите констатации дека објектот не смее да се гради на помалку од 50 метри од највисокиот водостој на езерото“, велат од „Охрид СОС“.
„Овде секако вреди да се спомене и информацијата која отсуствува во известувањето, а тоа е дека при носењето на тој акт, Општината им го попречила пристапот до правда на сопствениците на имоти во Лагадин, усвојувајќи јавен документ за кој не се одржала јавна расправа каде што би се чуле гласот и мислењето на засегнатите граѓани“, дополнуваат од граѓанската иницијатива.
Инспекцискиот совет на Република Македонија известува дека поради комплексната природа на случајот и многуте прекршени закони, постапката е сè уште во тек.
Од „Охрид СОС“, очекуваат правдата конечно да победи и во најскоро време да добијат решение и од Инспекцискиот совет.
Како одговор на ова, од Општина Охрид велат:
„Во врска со определени соопштенијата кои се појавија во некои медиуми, а се однесуваат на донесувањето на Општиот акт за Лагадин и издаденото одобрение за градба на Хотелски комплекс во населба Лагадин, Општина Охрид во целост останува на искажаните ставови од прес конференцијата одржана на ден 27-ми декември минатата година, каде на јавноста и беа презентирани сите документи кои се составен дел од постапката“.
Изградбата на хотелски комплекс во Лагадин не е единствената одлука на Општина Охрид и на ВМРО- ДПМПНЕ, која го загрозува Охридското Езеро. Тие ветија експресен пат Охрид-Пештани и изградба на марина.
Во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Драгана Велковска од „Охрид СОС“, истакна:
„Експресниот пат низ срцето на Галичица е најкриминалната идеја што од осамостојувањето на Македонија му се заканила на Националниот парк! Тој ‘проект’ е целосно неоправдан економски, зашто ќе го наруши природното движење на туристите кои сега се качуваат на планината, со што ќе создаде вештачка бариера и ќе ги одврати планинарите и туристите. Исто така, идејата за марината, презентирана од ВМРО-ДПМНЕ е погубна за езеро, со вредности какви што има Охридското езеро“.
М. Теговска