По успешно спроведената акција во изминатите четири денови во Скопје, за собирање на потписи за иницијативата со која треба да им се подобрат условите на децата со посебни потреби, од денеска, потписи ќе се собираат и во другите градови во Македонија.
Во текот на вчерашниот ден на плоштадот „Македонија“ во Скопје, колона граѓан(к)и чекаа да се потпишат во отворената книга и на тој начин да ја изразат поддршката на иницијативата, што заедно со 10.000 потписи, треба да се достави до Собранието, каде ќе се побараат законски измени и дополнувања со кои треба да им се подобри животот на децата со посебни потреби.
Денеска се отворени книгите за потписи на градските плоштади во Штип и Битола, како и на Филозофскиот факултет во Скопје.
Од утре, потписи ќе се собираат и во Прилеп, Охрид, Струмица, Гевгелија, Валандово, Тетово, Гостивар, Велес, Кавадарци и Неготино. Во секој од овие градови, отворените книги ќе бидат поставени во централното градско подрачје.
Утре, во Скопје граѓан(к)ите ќе можат да се потпишат во Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби, на ул. „Васко Каранѓелески“, бр.33, од 10 до 15 часот.
Претходните денови, потписи во Скопје се собираа во „Жена борец“, каде семејствата на децата со посебни потреби поставија шатори. Тие бараат да се донесе нов закон за децата со посебни потреби и сет мерки, коишто опфаќаат институционална грижа, правилна дијагностика, едуцирани кадри за лекување и соодветена терапија во подобри установи, а секако и бенефити за семејствата што ќе овозможат повисок стандард и поквалитетна грижа за децата.
М. Теговска