„Овој фотоалбум го посветувам на мајка ми, татко ми, баба ми, стрико ми, вујна ми и сите други кои биле, се или ќе бидат болни од рак“, го започнува младиот активист Никола Шиндре од Битола, објаснувањето на идејата да се подготви албум кој испраќа порака за алармантната состојба со аерозагадувањето во Битола.
„Целта е да се подигне јавната свест за условите во коишто живеат болните од карцином, но првенствено, за енормното загадување во Битола и околината од Рударско-енергетскиот комбинат „Битола“ што е причина за многубројните болни од карцином“, вели Шиндре.
„Во Битола и околината има регистрирано над 4.000 луѓе кои боледуваат од карцином (самиот град има околу 60.000 жители), а главната причина за тоа е непоставувањето на филтри од РЕК Битола, незаинтересираноста на централната и на локалната власт за овие прашања и непостоењето силно граѓанско општество кое ќе стави крај на сите овие прашања“, се вели во описот на албумот насловен „Кој ќе го закопа последниот битолчанец!?“
„Ова мора да се сопре, јас кревам глас за оние кои не можат да станат и гласно да викаат за своите права и за одземеното човеково достоинство. Повеќе не смееме да дозволиме да ни се случува еколошки геноцид заради хировите и каприците на поединци“, апелира Шиндре.
Фотографиите се направени во Офицерскиот дом во Битола, и се дело на Александар Ковачевски.