Околу 54 отсто од лицата со посебни потреби имаат завршено само основно образование, а 20% се со непотполно средно образование. Ваквата структура на образовни квалификации, во која три четвртини од невработените лица со посебни потреби имаат исклучително низок степен на образование, алармира на итна потреба од преземање на системски мерки за справување со овој проблем. Ова се дел од заклучоците на национална конференција „Унапредување на механизмите за спречување и заштита од дискриминација на лицата со посебни потреби во Македонија“, што денеска се одржа во Скопје.
Благица Димитровска, претседателка на граѓанското здружение „Инклузива“ од Куманово, на конференцијата зборуваше од своето лично искуство, како мајка на 33-годишен син со комбинирани пречки во развојот.
„Досега сè уште не му е одземена деловната способност, затоа што не сакам моето дете да биде прогласено за неважечка личност во оваа држава и сметам дека во некои работи, тој е деловно способен. Но, по смртта на родителите, по автоматизам ќе му се одземе деловната способност, за да ја наследи пензијата од родителите, инаку нема каде да живее“, изјави Димитровска за ЦИВИЛ Медиа.
Ја акцентираше потребата од рана детекција, регистар на пол, возраст и инвалидитет на лица со хендикеп. Проблем е, според неа, и тоа што има само поддршка за згрижувачките семејства, а не и за биолошкото семејство и дека многу од родителите решаваат своите деца да ги сместат во институции. Според Димитровска, потребни се измени во здравствената заштита на овие лица, бидејќи, човекот ако не е здрав, не може да се вработи, ниту пак, да го издржува своето семејство. Таа е загрижена за тоа што ќе се случи со нејзиниот син по нејзината смрт. Досегашните истражувања на „Инклузива“, покажуваат дека постојат повеќе проблеми во начинот на којшто институциите се однесуваат кон лицата со посебни потреби.
Инаку, конференцијата е дел од проектот „Градење капацитети на организации за помош на лица со посебни потреби во Република Македонија“, а во организација на Фондацијата за одржлив економски развој „Преда Плус“ и во соработка со Здружението на студенти и младинци со хендикеп. Проектот се спроведува од ноември 2015 година.
Марија Теговска