Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ денеска испрати соопштение во кое се вели дека доколку Советот на Општина Валандово не донесе одлука во полза на граѓаните, тие ќе пристапат кон радикални мерки.
„Југоисточниот дел на Македонија моментално се наоѓа пред одлучувачки момент за тековниот и идниот развој на регионот. Граѓаните од регионот се како никогаш досега обединети против развојот на нашето поднебје со рудници – Г1, тешка и загадувачка индустрија. Советите на општините Гевгелија, Богданци, а денес и Дојран, донесоа демократска одлука да дозволат на граѓаните по пат на референдум, во овие општини да го дадат својот глас по ова прашање“, се вели во соопштението на граѓанската иницијатива.
Вечерва, Советот на Општината Валандово ќе има седница на која ќе се разговара за неколку точки меѓу кои и за, како што велат локалните власти, „неуредноста“ на иницијативата за референдум.
„Како граѓани, согласно со Законот за локална самоуправа, Статутот на Општина Валандово и Деловникот за работа на Советот на Општина Валандово, имаме право на присуство на оваа седница, и вечерва ќе се повикаме на тоа право, со приложување на Барање за присуство до претседателот на Советот на Општина Валандово. Го повикуваме претседателот на Советот на Општина Валандово да ни го овозможи ова право, а воедно, ги повикуваме и советниците на Советот на нашата општина, да донесат одлука во интерес на граѓаните на оваа седница. Ги повикуваме и сите граѓани на валандовската општина, како и на целиот југоисточен регион, и медиумите, будно да го следат целиот овој процес. Уште еднаш, навестуваме дека доколку Советот на Општина Валандово не донесе одлука во интерес на граѓаните, ќе пристапиме кон радикални мерки и ќе ги искористиме сите демократски инструменти кои ни се на располагање во моментот за гласот на граѓаните да биде слушнат“, велат од иницијативата „Спас за Валандово“.