„Не смее да ни се повтори општество на слепи послушници! Идните кадри треба да бидат луѓе со став, што знаат да се спротивстават, што не прават компромиси со своите принципи“, дециден е економскиот експерт, Бранимир Јовановиќ, којшто во интервју за ЦИВИЛ Медиа лоцира елементи на неолиберализмот во економските политики на новата влада, ако кадрите мериторни за ресорите економија и финансии, доаѓаат од бизнис секторот.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали министрите за финансии и економија во идниот владин состав, коишто ќе ги постават контурите на новата македонска економија, треба да бидат партиски или стручни кадри?Дали вицепремиерот задолжен економија во новата влада, треба да биде од редовите на стопанските комори во Македонија?
ЈОВАНОВИЌ: Секако дека треба да бидат стручни кадри, при што е небитно дали ќе бидат членови на некоја од партиите од парламентарното мнозинство или не. Но, уште побитно од самата стручност е нивната идеолошка ориентираност и нивниот личен интегритет. Да бидеме искрени, и Никола Груевски, кога дојде на власт, постави стручни кадри, како носители на економските политики. И Трајко Славески и Зоран Ставрески важеа за добри економисти. Проблемот со нив беше нивната идеологија, односно нивната верба во „пазарниот фундаментализам“, според кој, невидливата рака на пазарот – води до развој. Таа идеологија резултираше со про-бизнис политики, односно, со кратење на даноците за побогатите, приватизирање на јавните добра и услуги, кратење на правата на работниците… Ефектите од тие политики во Македонија се повеќе од јасни денес – рекордна сиромаштија во Европа, рекордна социјална раслоеност, највисока смртност на работници, најлошо здравство, најлошо образование… Затоа, луѓето што ќе ги водат економските политики во новата влада, мора да бидат со поинакви убедувања, односно мора да бидат на страна на обесправените и слабите, а не на моќните и богатите!
Другиот проблем со нив, односно со Ставрески, зашто Славески навреме се повлече, беше тоа што, тој целосно се стави во служба на „режимот“, иако, како што слушнавме во „бомбите“, бил свесен за тоа дека се прават валкани работи. Тој недостаток од личен интегритет, тоа такво виткање на рбетот, таа неспособност да се каже „НЕ“, тоа отсуство на храброст да се повлечеш, кога не се согласуваш со нешто, креира општество на слепи послушници и не смее да ни се повтори! Новите луѓе мора да бидат силни карактери, лица со свој став, лица што знаат да се спротивстават, лица што не прават компромиси со нивните основни принципи.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали со поставување кадар од бизнис-ресорот, не се јакнат неолибералните политики, во време кога животниот стандард на еден просечен македонски работник не му овозможува задоволување на елементарните животни потреби?
ЈОВАНОВИЌ: Апсолутно се јакнат неолибералните политики со поставувањето на претставник од бизнис заедницата за вицепремиер. Вицепремиерот е практично втор човек во владата, а добро е познато колкава моќ има владата кај нас. Со ваквиот чин се застанува многу јасно на страната на крупниот капитал, наместо на страната на работниците, што е многу проблематично за една социјалдемократска влада. И ова не е само симболична работа, туку е и многу конкретна. Запрашајте се – како би реагирала бизнис заедницата на мерки како зголемување на минималната плата, покачување на работничките права, воведување на прогресивен данок, што сите се наведени во програмата на СДСМ? Сите тие мерки практично вршат редистрибуција од бизнисмените кон работниците. Како може да се очекува, тие да дозволат да се воведат такви мерки? Тие ќе се обидат на сите начини да ги блокираат овие мерки, а од позиција на вицепремиер, ќе имаат многу такви начини.
Исто така, познато е дека вакво нешто се случи кога СДСМ беше на власт последниот пат, со Минчо Јорданов и со Хари Костов. Познато е дека тие владееја катастрофално. Познато е и дека нивното катастрофално владеење го донесе Груевски на власт. Познато е и кои се последиците од 11-годишното владеење на Груевски. Се поставува прашањето – зарем луѓето од СДСМ не извлекоа поуки од тоа искуство? Зарем не ги плаши можноста повторно да завршат катастрофално и повторно да бидат наследени од некој нов Груевски?
ЦИВИЛ МЕДИА: Во кој правец треба да се движи македонската економија?
ЈОВАНОВИЌ: Во спротивен правец од оној, во којшто се движеше изминатите 26 години, а особено последните 11 години. Сите овие 26 години имаме про-бизнис влади, но сепак, про-бизнис ориентацијата беше особено изразена во времето на Груевски. Груевски постојано се фалеше дека ја искачил Македонија на 10. место во светот во „Дуинг Бизнис“. Груевски ја рекламираше Македонија по разни светски медиуми како земја со најевтина работна сила во Европа. Груевски се гордееше со тоа што имаме најниски даноци во Европа, без воопшто да каже дека тоа, во исто време, значи дека нема да имаме пари за социјални намени, за образование, за здравство… Груевски, паралелно со тоа што не издвојуваше пари за здравство, ги охрабруваше неговите бизнис-партнери да отвораат приватни болници и да го осиромашуваат народот уште повеќе со тоа. Груевски градеше споменици и барокни фасади, наместо да вложува во инфраструктура. Груевски им даваше секакви привилегии на странските инвеститори, а воопшто не помисли на домашните мали претпријатија.
Во наредниот период, мора да се прави сè спротивно од ова. Мора да се зголемат јавните издатоци за здравство, образование, социјала и инфраструра. За да се обезбеди тоа, мора да се скратат непродуктивните трошења како “Скопје 2014“, но и да се зголемат буџетските приходи, преку оданочување на богатите и големите компании. Мора да се ревидира и политиката за странските инвестиции. Не смее да се дискриминираат домашните компании (поточно, не смее да се дискриминира ниедна компанија). Не смее ни да се продолжи со политиките на давање на огромни државни средства за компаниите, без државата и општеството во целина да имаат некаква полза од тоа. Но, ова не значи дека државата не треба да им помага на компаниите. Напротив, треба да им помага уште повеќе, но на поинаков начин, односно, така што сите компании ќе можат да побараат државна помош. Но, добивањето на таа помош ќе биде условено со одредени бенефити за државата.
ЦИВИЛ МЕДИА: Има ли реално можности да се остварат најавите од СДСМ за исплата на просечна плата по работник од 30.000 денари, по реформите коишто ќе ги имплементира новата влада?
ЈОВАНОВИЌ: Ја разбирам идејата на ова ветување. Луѓето кај нас се пред сè заинтересирани за високи плати, а и не поседуваат големи познавања од областа на економијата. Сепак, имам големи забелешки на него. Како прво, сегашната просечна плата од 22.000 денари, може многу лесно да стане 30.000 денари, ако има инфлација од 40%. Тоа ќе значи дека ветувањето е остварено, ама не и дека животот на луѓето е подобрен, зашто куповната моќ на платите ќе остане иста. Второ, ако се зголемат платите на најбогатите 1% од населението, но не и на останатите 99%, просечната плата ќе порасне, но животниот стандард ќе остане ист за 99% од луѓето. Така што, просечна плата од 30.000 денари не е најдобар индикатор за квалитетот на животот.
Но, сметам дека некои од мерките кои СДСМ ги има во програмата, се добри и се во насока на подобрување на квалитетот на животот. Покачувањето на минималната плата (и нејзиното изедначување за сите дејности, без досегашниот исклучок за текстилот и кожата) е добра мерка, зашто ќе го подобри животот токму на оние со пониски примања. Воведувањето на гарантиран минимален приход за секое семејство е исто така добра мерка, зашто ќе им помогне на најсиромашните. Зголемувањето на работничките права е исто така во таа насока, зашто ќе ја зголеми моќта на работниците. Сепак, клучното прашање е дали ќе успеат да ги имплементираат овие мерки. Со вицепремиер од бизнис-заедницата, тоа ќе оди потешко. Но, сепак, не треба да се откажуваме и треба да направиме сè што можеме да дојде до тоа, дури и ние кои не сме во СДСМ.
Моника Талеска
[divide]