По протестите на граѓан(к)ите, вчера започа гаснењето на огинот на дивата депонија покрај Струга која гори веќе трет ден. Санацијата започнала со користење на механизација под надзор на експертски работни групи, со што се овозможува пристап на противпожарни возила и камиони со земја до местата каде сè уште има огин.
Стружан(к)и бараат итно решение за депонијата која речиси секое лето гори, а се наоѓа во непосредна близина на градот и влијае негативно и на здравјето на жителите и на туристичката сезона. Од локалната и централната власт граѓан(к)ите бараат конкретни мерки и се закануваат со порадикално изразување на граѓанска непослушност.
Неретко стружан(к)и обвинуваат дека проблемот со депонијата што се провлекува цела деценија, се користи и во политички пресметки, па дури и дека наводно, пожарите се подметнуваат. Токму затоа, претставници на граѓанската иницијатива „Доста“, која ги покрена протестите, во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, инсистираа на дислоцирање на депонијата од плодното земјиште во Струшкото поле, како и на изнаоѓање решение со кое Струга ќе биде првиот град со селективен отпад.
Според „Дојче Веле“ на македонски јазик, во Македонија има 54 комунални депонии, кои ги загадуваат подземните води, почвата и воздухот, а експертите проценуваат дека 16 депонии се со висок, 16 со среден, а 19 со низок ризик за животната средина. Единствено депонијата „Дрисла“ има интегрирана дозвола за управување со отпад, а покрај комуналните, кои најчесто не ги исполнуваат минималните технички услови за да аплицираат за добивање дозвола, во Македонија има уште околу 1.000 диви депонии.