Oвоштари од Вардарскиот регион во знак на револт, поради недостиг на пласман за праските од годинешната реколта, го блокираа регионалниот пат Градско – Прилеп, во близина на Росоман, и фрлија дел од своето производство. Доколку има вистина во гласиштата за увоз на праски од Албанија и од Грција, домашните прозиводители бараат тој веднаш да се прекине.
Производителите на праски бараат итни мерки од Владата и најавија радикализација на протестот, доколку не се реши проблемот. Размислуваат дури и дел од производството да го истурат пред Владата во Скопје.
„Пари ли се, 50 денари гајба праски, како да ги покриеме трошоците? Ако не се реши проблемот, пропаѓа сезоната за нас, овоштарите“, реагираат производителите на праски.
И општинскиот Совет ќе закаже седница за да се бараат интервентни решенија. Градоначалникот на Општина Росоман, Стојанче Лазов забележа дека цената е рекордно ниска, како што рече, од тие 50 денари, само гајбата чини 25 денари! Тој повика да се бараат алтернативни пазари, со цел интервентно да се реши кризата, зашто во прашање е доведен опстанокот на општината.