Општините во полошкиот плански регион, корисници на проектот Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион, кој се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), започнуваат со процес на продлабочување на меѓуопштинската соработка заради подобрување на отпорноста на заедниците кон ризикот од поплави и други типови на природни катастрофи.
На дводневната работилница која што се одржува во рамките на овој проект, финансиран од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и Швајцарскиот Секретаријат за економски прашања, претставниците на општините на Полошкиот регион се согласија дека за подобро справување со ризиците неопходно е да се преземат мерки за создавање на функционален механизам со учество на сите засегнати страни.
„Како што времето и местото на појавата на поплавите и нивниот интензитет не зависат од административните граници на општините, така и управувачкиот одговор на локално ниво ги надминува границите на индивидуалните општини“, изјави Димитрија Сековски, Раководител на програма во УНДП. „Проектот, покрај значајни инвестиции, ќе обезбеди долгорочна визија и детален план за постепено намалување на ризикот од поплавите преку учество на бројни институции на локално и централно ниво и споделување на ресурсите“, додаде Сековски.
Целта на овој проект, е да се направи темелна промена во начинот на справување со ризикот од поплавите во полошкиот регион, кој се смета за најранлив во државата во однос на ова прашање. Само во период од неколку години во регионот се случија неколку поплави кои однесоа човечки животи и направија голема материјална штета. Затоа, како што беше истакнато, од клучно значење е продлабочувањето на меѓуопштинската соработка за заштита на населението и материјалните добра од поплавите.
На работилницата беа презентирани можните облици на соработка што ги нуди Законот за меѓуопштинска соработка (МОС), од кои, во рамките на работилницата треба да произлезе предлог за најсоодветен облик во согласност со заедничките цели и ресурсите со кои општините располагаат.
Сите општини од овој регион го потврдија својот интерес да учествуваат во воспоставувањето систем на ваков механизам за меѓуопштинска соработка со цел подобро управување со ризиците и справување со кризните состојби, преку заеднички инвестиции, како и ефикасна и постојана комуникација и координација меѓу засегнатите страни.
Д.М.