Државниот Инспекторат за животна средина денеска изврши вонреден инспекциски надзор во фабриката „Макстил“, каде што вчера гореше отпадно железо.
Во соопштението на Државниот Инспекторат за животна средина и просторно планирање, стои дека погонот Челичарница согласно известувањето од 30 април годинава, не е во функција од 29 април, како и во моментот на надзорот и вчера кога беше предизвикан пожарот.
„Во моментот на надзорот пожарот сè уште не беше целосно изгаснат, односно во тек беа активности за негово финално гаснење од страна на релеватни служби, а истиот беше ставен под контрола. Пожарот е започнат/забележан од страна на вработени лица на 10 мај околу 21.20 часот, по што е пристапено кон негово гаснење со ПП апарати. Потоа е повикана напомош Противпожарна служба на РЖ Услуги Железарница, како и Градска Противпожарна служба. Во текот на гаснењето подоцна се има вклучено и ЈП Водовоод и Канализација“ стои во соопштението.
До Министерството за животна средина и просторно планирање, во октомври 2015 година, била доставена Програма со дефинирани критични точки, односно потенцијални места на несакани дејствија во однос на загадувањето на животната средина, каде има и дел за заштита од пожари, односно план за заштита и спасување од природни непогоди и несреќи.
„Врз основа на податоците од Државниот Автоматски Мониторинг Систем за Квалитет на Воздухот, во текот на ден 11.05.2018 година е забележано зголемување на концентрациите на РМ10 во 03 часот наутро на мерното место Гази Баба (кај ПМФ) часовната концентрација била 228.02 микрограми на метар кубен и на мерното место Ректорат часовната концентрација била 137.22 микрограми на метар кубен. Веќе од 5 часот, евидентирано е намалување на концентрациите“ додаваат во соопштението.
По целосно прибирање на сите релеватни информации, ДИЖС ќе излезе со уште едно соопштение за понатамошно водење на инспекциската постапка.
А.П.