Граѓанската коалиција о2, формирана од повеќе граѓански здруженија и иницијативи, повеќе од година дена, еколошките проблеми се обидува да ги решава по институционален пат.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со Невена Георгиевска, граѓанска активистка, член и на инцијативата „Ние сме Карпош 4“.
„Пред изборите успеавме да потпишеме Меморандум со сите кандидати за градоначалници во Град Скопје, со надеж дека ќе успееме да се избориме за каузата почист град, почист воздух, почиста земја… Сепак, не сме концентрирани само на Скопје туку и низ цела Македонија за сите проблеми поврзани со загадувањето. Коалицијата о2 беше активна и со активностите против рудниците на смртта, а моментално сме активни и со „Го сакам Водно“ за запирање на трасата за гасовод предвидена да поминува низ Водно“, изјави Георгиевска во контекст на активностите на Коалицијата о2.
Што се однесува на реакциите на институциите и на јавноста на пораките и заложбите на Коалицијата о2, Георгиевска рече дека на почетокот имале доволно внимание, посебно пред изборите, но очигледно е дека треба постојано да се врши притисок врз надлежните за да се задржи нивното внимание.
„Ние или јас како активистка сме запознаени со законите, процедурите и можностите, но кога ќе дојде моментот за јавното мислење се обидуваме што повеќе да ги запознаеме и граѓаните и да ги вклучиме во процесите. Кога треба да се чуе јавноста треба да бидеме гласни… Но, на пример, кога зборуваме за загадувањето, тој проблем е многу комплексен и зависи од многу фактори. Тука треба да тргнеме сами од себе, пред да го бараме виновникот кај комшијата или фабриките… треба да погледнеме што оставаме зад себе, од чиста околина, од тоа дали се грижам дали околу мене има хуман развој, зеленило, како се движам кон работа дали загадувам во меѓувреме или не“, изјави Георгиевска.
Георгиевска потенцираше дека институциите и лавиринтите низ кои се поминува да се допре до нив знаат да демотивираат. Сепак не треба да се откажуваме, вели таа, потребно е цврста волја и желба за промени, за да се истрае во таа борба.
„Мора да се биде упорен, да знаеш дека тоа го правиш, што е целта и дека ако ти не успееш, можеби по четири/пет години некој ќе најде поттик од твоите активности за да продолжи понатаму“, рече Георгиевска.
Разговорот со Невена Георгиевска е дел од проектот „Акција -Интергација“ што ЦИВИЛ го спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија.
Ангела Петровска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Ариан Мехмети
Обработка на текст: Биљана Јордановска
This post is also available in: English