Mинистерот Зоран Шапуриќ, задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни компании, денеска учествуваше на дебата во Битола на тема „Заштита на животната средина во Македонија како земја членка на Европска Унија“.
Шапуриќ порача дека е потребно да се подигне еколошката свест во Македонија, на која работат сите, централната и локалната власт, во соработка со невладините организации и бизнис секторот.
„Европските директиви би донеле многу бенефити со нивното имплементирање во Македонија, кој процес е неизбежен доколку нашата држава стане земја членка во ЕУ. Исто така, голема е поддршката од ЕУ во битката за чист воздух. 1.8 милијарди евра се доделени од Европските инвестициски фондови за управување со отпад, процесирање на отпадни води, заштита на биодиверзитетот, обновливи енергетски ресурси и намалување на загадениот воздух и бучава.
Затоа, ги повикувам сите, особено младите, да на 30 септември го дадат својот глас за подобар живот, со европски стандарди, за европска Македонија“, изјави министерот.
Тој додаде дека е неоходно унапредување на националните паркови, изградба и одржување на прочистителни станици, како и изградба на регионални центри за современ третман на отпади.