Светлана Станојковска, екологистка и советничка во Советот на Општина Пробиштип, смета дека граѓанките и граѓаните имаат потреба за поголема едукација за заштита на животната средина. Според неа, иако постои добра волја и желба, сè уште сме далеку во делот на заштита на животната средина и одржлив развој за да може да се отвори поглавјето 27 и да бидеме на добар пат за ЕУ.
ЦИВИЛ Медиа: Колку општина Пробиштип е спремна да ги промовира европските вредности?
Станојковска: Добро прашање. Секако, општина Пробиштип има политичка волја и исто така има желба и кај граѓаните. Меѓутоа, сепак, знаеме дека не сме во голем дел на она семејство каде што е Европската Унија. Ние знаеме дека Европската Унија е најголемото семејство каде што имаме најмногу вложувања, особено во делот за зачувување на животната средина. Можам да кажам дека само со Парискиот договор постигнато е 30% редукција, намалување на емисија на ЦО2 во воздухот до 2030 година. Тоа автоматски значи и намалување на загадувањето.
Во делот на искористување на обновливата енергија во ЕУ предвидени се за 27% да се зголеми производството на обновлива енергија. Исто така, во однос на потрошувачката на електрична енергија предвидено е 27% намалување на електричната енергија во однос на 2014 година.
Во Европската Унија се рециклира со 30%, додека ние како држава рециклираме под 10% којшто навистина е занемарлив процент.
Значи навистина треба да се трудиме да влеземе во оваа заедница на Европската Унија, каде што навистина ЕУ најмногу дава и вложува во делот на заштитата на животната средина.
ЦИВИЛ Медиа: Колку Вие давате секојдневно свој придонес за заштита на животната средина и креирање на јавната свест кај граѓаните за одржлив развој и заштита на средината?
Станојковска: Морам да потенцирам дека еколошката свест сè уште има недостиг од едукација. Сè уште треба да се врши едукација на политичарите, меѓутоа морам да кажам и дека мора да се работи и работиме и со граѓаните, да ги едуцираме за подигање на еколошката свест. Можеби не во голем процент, но во задоволителен процент граѓаните се будат и веќе поинаку размислуваат за екологијата како што беше во минатото.
ЦИВИЛ Медиа: Што сè не чека понатаму? Кои се предизвиците и на што треба да бидеме спремни?
Станојковска: Ние не треба да стоиме во место. Треба да се движиме. Треба да ги гледаме останатите земји како се придвижуваат и ние да станеме членка на Европската Унија за да можеме да го отвориме поглавјето 27 коешто кај нас, за жал, не е отворено, во делот на животната средина. И само тогаш со отворањето на ова поглавје ќе можеме да се споредуваме со останатите земји во регионот. Со останатите земји во Европа и секако во светот. Значи, мора да се движиме напред! Не треба да стоиме во место.
Биљана Јордановска
Обработка на текст: Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Владо Крстевски