ЦИВИЛ ја промовираше публикацијата „Губење на идентитетот или…?“. Свое обраќање на промоцијата имаше и една од авторките во публикацијата професорката д-р Мирјана Малеска.
„Проектот е замислен како деконструкција на националистичките наративи, деконструкција на лажните вести поврзани со историскиот процес кое трае речиси три децении, а кој своја позитивна разрешница оваа година. Тоа е процесот за надминување на спорот со името меѓу Македонија и Грција. Но, се разбира, прашањата на идентитетот се многу пошироки од една билатерална спогодба, независно од нејзината важност. И токму тоа е темата што се обидовме да ја одгатнеме преку поканата на повеќе јавни личности познати во науката, политиката, медиумите и граѓанското општество“, изјави Џабир Дерала, раководител на проектот „Губење на идентитетот или избавување и просперитет?“.
„Сметав дека отворање на дијалог на оваа тема е потребен. Не може да се остави само на политиката и политичарите да донесат ваква одлука за сите нас. Особено затоа што прашањето е емотивно, долготрајно, секој од нас го погодува на еден или на друг начин. Потребен е еден процес на зреење, а дијалогот во општеството може да придонесе кон решавање на процесот. Сепак, дали е дијалог ако на една страна се соберат истомисленици? За мене е дијалог… И сметам дека е ова е почеток на дијалогот во јавноста“, изјави Малеска во контекст на идентитетското прашање поврзано со Песпанскиот договор и улогата на ЦИВИЛ во начнување на оваа тема.
Овој проект траеше 45 дена. Во проектот учествуваа, освен професорката Малеска и Мерсиха Смаиловиќ, Љубчо Георгиевски, Ѕвездан Георгевски, Катерина Колозова, Дијана Тахири, Мирјана Најчевска, Сашо Орданоски, Синиша Станковиќ, Војо Маневски и Џабир Дерала. Секој од свој агол, авторите во зависност од нивното професионално занимање, но личните аспирации зборуваа за идентитетот и идентитетските прашања.
ЦИВИЛ го започна проектот „Губење на идентитетот или…?“ во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија. Публикацијата е своевиден печат на придонесот на авторките и авторите кон разглобување на идентитетските прашања од низа различни аспекти во интерсе на јавниот дискурс.
Биљана Јордановска