Последната Критична маса #80 -На точак за оваа година денеска традиционално ќе започне кај Плоштад Македонија во 17:30 часот.
„Изминатите шест и пол години, скопските велосипедисти извозеа 79 Критични маси, континуирано, без исклучок, секоја последна среда во месецот, без оглед на временските услови, општествени случувања, турбуленции, со цел да кажат што недостасува, да критикуваат и да предложуваат. Станувавме сѐ побројни, погласни и повидливи и Критична маса денес прерасна во движење кое многумина го знаат и поддржуваат, без разлика дали возат точак или не. Секој метар на новоизградена велосипедска патека, секој нов велосемафор, секое поставено столпче на тротоарите значеше една мала победа и некој велосипедист повеќе во велосемејството.
Критична маса имаше првична цел да го донесе на дневен ред велосипедскиот сообраќај. Прво и основно, да сфатат надлежните дека велосипеди не се само за спортување и рекреирање надвор од град на мала вешта група луѓе, туку пред сѐ, тип на сообраќај кој мора еднакво да се третира и за кој мора да обезбедат основни услови за да биде достапен за сите граѓани внатре во градот..“, се вели во нивното соопштение.
Од иницијативата #НаТочак најавуваат нови борби, на нови фронтови, но од јануари нема редовно да биде редовна организациска поддршка за собирите.
„Иако НаТочак вложи организациски капацитети секојa Критична маса да биде специјално осмислена со важни и актуелни теми, со пропратни акции, дописи во контекст на темата, со соодветни дизајни и истражувања кои ја проследуваа, сепак Критична маса не е НаТочак. Критична маса отсекогаш била и останува на сите велосипедисти кои изминатите години давале поддршка на настанот преку присуство, преку дизајн, смислување рути, промоција на настанот, лепење постери и делење чај, на сите кои се грижеле возењето и сѐ околу него да помине во најдобар ред, сите кои возат велосипед секојдневно или барем еднаш се качиле на него“, се вели во најавата за настанот.
Она што започна како протест против лошите услови за движење со точак низ градот, прерасна во глас за безбедноста на сите учесници во сообраќајот, во идеја и борба за ремоделирање на Скопје да стане поубав, плански град во кој ќе се донесуваат не брзи и неодржливи одлуки на долгогодишни проблеми, туку смислени, системски решенија за град каков што посакуваме сите, град за луѓе, велат од #НаТочак.
Рутата завршува со заедничко дружење во СЦ Дуња со греено вино и чај, да си посакаме убави желби во 2019-та година, но и да најавиме нови, интензивни борби, на нови фронтови.