пишува: Љубчо Георгиевски
[dropcap font=”arial” fontsize=”45″]М[/dropcap]акедонскиот идентитет, според мене, не е загрозен од одредницата „Северна“ пред името на државата, туку од односот на етничките Македонци кон сопствениот идентитет. Македонците и под Османлиското ропство успеале да го спасат идентитетот со зачувување на нивната култура и традиција… Играле ора на македонски, пееле песни на македонски и зборувале на македонски… Ајде да видиме колку ние самите, денес во Македонија, се грижиме за сопствениот македонски идентитет.
Темата со идентитетот е прашање кое мене ми лежи и многу пати досега сум го зборувал во јавноста и со разни обраќања. Можеби ова е добар момент да повторам дел од тие мои ставови, за кои се надевам дека ќе имаат некакво влијание во надминување на оваа денешна ситуација, која можеме да ја наречеме како кризна.
Кога зборуваме за идентитетот, посебно македонскиот идентитет и за главното прашање – дали ќе има или ќе нема македонски идентитет и понатаму, ние не можеме да не се осврнеме малку на историјата на прашањата за македонскиот идентитет и неговото менување во текот на, еве, да зборуваме само за периодот од стотина години наназад. Поводот е токму фактот што, за жал, во последната деценија зборувавме за македонскиот идентитет во периодот од неколку илјади години наназад, нешто кон што јас бев многу критичен, и конечно, се радувам што како една пропагандна идеја, тоа денес паѓа во вода.
Значи, ќе опстои ли македонскиот идентитет и ќе го биде ли македонскиот идентитет по договорот во Преспа? Апсолутно сум оптимист, меѓутоа ние мораме на проблемот да му пријдеме објективно .
Во последните десет години, во Македонија се случи една од најрадикалните промени на идентитет на еден народ во Европа, па и во светот, која ние, како сведоци во современата историја, можеме да го видиме. Одеднаш, од она што сите ние го знаевме, и беше добро утврдена норма – дека македонскиот народ е дел од словенската групи на народи, одеднаш се претворивме во антички Македонци! Во нешто посебно, во нешто ексклузивно, во нешто што нема допир со ништо во светот, и од тоа направивме една приказна, во која за жал, многумина почнаа да веруваат. А оние кои беа носители на таа идеја, сметам дека од чисто маркетингшки причини ја злоупотребуваа за победи на избори.
Односно, се работи за таканаречениот антички идентитет на македонскиот народ, за што јас имам многу текстови. Ние не сме антички Македонци, не треба да го црпиме оттаму својот извор, и се надевам дека денес, во една понормална дискусија, ќе успееме поаргументирано да ја побиеме
таа теза. Инаку, кога зборуваме за тој лажен идентитет, не можам да не кажам дека тој ни направи многу штети во политичките односи со соседите, ни направи штети во односите со меѓународната заедница, меѓутоа, ни направи најмногу штета на нас самите.
На психолошко ниво, ние се издигнавме над сите други, почнавме да влегуваме во некој филм дека ние сме центарот на светот, дека сѐ се врти околу нас, дека никој не може без нас, а во суштина, гледаме дека тоа не е така, светот си живее и без ние да бидеме присутни во него… И без никаква посебна дискусија, без квази-научниците кои пишуваа книги и снимаа документарни филмови на таа тема. Сето тоа и беше една квази-наука која едноставно, нѐ избомбадира и ни предизвика трајна последица која верувам дека ќе се влече многу долги години по овие настани.
Проекцијата на пропагандата во овие изминати 11 години, зборуваше за некаков идентитет на македонска нација и идентитет каков што го сфаќаме денеска, најмалку две ии три илјади години наназад, а се прескокнуваа периодите од пред 50 или 100 години… Многу е проблематично и создава навистина проблем во свеста на еден Македонец, кога денешната наша свест за македонскиот идентитет ја проектираме наназад 2000 години. Кога ќе ги погледнеме фактите, работата е сосема поинаква. Да ја земеме Македонија пред Илинденското востание 1903 година, да видиме што се случило со тој македонски идентитет. Ако направиме еден пресек на тогашниот македонски идентитет, односно на словенското население, две-три години пред Илинденското востание, ние ќе видиме една чудна слика, за која мораме отворено да зборуваме и да се соочиме со неа. Ќе видиме дека огромната маса на македонски Словени кои живеат на територијата на етничка Македонија себеси се декларираат за сѐ друго, освен не како Македонци. Има една огромна маса на Македонци кои се станати муслимани и себеси се декларираат како Турци, и ние многу малку научно го обработуваме тој дел од македонското население, кои прво се исламизира, а потоа и етнички го зема името Турци. Тоа е дел од македонската етничка приказна.
Потоа, одиме на еден слој таканаречени грчки патријаршисти, кои не се за потценување, кои во тоа време се бројка од 300–400 илјади Македонци, кои се декларираат како Грци. Многумина од тие што се бореле против Македонците, какогрчки патријаршисти, биле токму Македонци и имаме такви познати имиња.
Третата група се Македонци кои под влијание на српската пропаганда и српската патријаршија, се декларираат како Срби, имаме такви енклави во Струшко, во Порече, во Скопска Црна Гора, Куманово… И тоа се Македонци, но кои себеси се доживуваат и декларираат за Срби.
И конечно, најголемата маса, што ние многу срамежливо сакаме да го признаеме, себеси се декларираат за македонски Бугари. Практично ако ја погледнеме таа револуционерна идеја на ВМРО, ако сакаме да бидеме објективни, ќе видиме дека, за жал, тоа историско ВМРО дури и во своите документи на почетокот, се потпира само на Македонците кои себеси се декларираат како Бугари. И затоа, во 1902 година ја имаме книгата на Крсте Петков Мисирков „За македонските работи“, во која тој јасно и недвосмислено кажува – што ако до вчера немало македонска нација? Неговата идеја е токму тоа, сите Словени во Македонија, кои во тој момент се декларираат за Срби, Грци, Бугари или Турци, да се наречат Македонци. Тоа е основата на македонската етничка приказна, на националниот идентитет кој ние едноставно дали пропагандно, дали политички, дали од тоа што не можеме да се соочиме со реалноста, едноставно, сакаме да го прескокнеме…
Секој што побарал во тоа време милет од Османлиската империја, под „секој“ мислам на она што се нарекуваше етничка заедница или ентитет во поранешна Југославија, тоа и го добиваше. И самиот Мисирков во таа книга вели: „Јас сум сигурен дека ако ние утре побараме македонски милет, Турците ќе ни го дадат“. Меѓутоа тоа не се случува! ВМРО, македонската интелигенција од тоа време не бараат македонски милет, нема таква работа во нашата историја, нема такво писмо, нема таков манифест… 1905 година се собираат 100 влашки трговци и интелектуалци, праќаат писмо до султанот и султанот им дава влашки милет. Тоа кај македонскиот народ го нема.
Македонскиот идентитет, според мене, не е загрозен од одредницата „Северна“ или „Горна“ пред името на државата, туку од односот на етничките Македонци кон сопствениот идентитет. Македонците и под Османлиското ропство успеале да го спасат идентитетот со зачувување на нивната култура и традиција.
Играле ора на македонски, пееле песни на македонски и зборувале на македонски… Ајде да видиме колку ние самите во Македонија се грижиме за сопствениот македонски идентитет. Да посетиме една македонска свадба, една македонска прослава, јас ви гарантирам дека македонската современа нација и македонската современа држава се единствените на Балканот, каде што сопствената национална песна е малцинска во споредба со другите културни влијанија! Ние ништо не правиме, зборуваме за македонски идентитет, а кога треба да прославиме свадба, роденден или именден, ние не ја пееме македонската песна, и зборуваме дека некој друг ни го загрозува македонскиот идентитет. Не, ние самите го загрозуваме.
Стотици и стотици Македонци, во дијаспората, кога одев на почетокот кога требаше да ја создаваме македонска држава, како главно прашање ми го поставуваа – зошто требало да плаќаат 50 долари за македонски пасош? Тие се тие луѓе кои зборуваат за Македонија, на кои им беше тешко да плаќаат, и мислам дека до ден денеска тој проблем се провлекува во многу дискусии на македонската дијаспора, кога треба да дадат 50 евра или 50 долари за да извадат македонски пасош…
Да одиме понатаму, многумина од нив треба да се прашаат зошто по 15 години не се вратени во Македонија. Ќе дојдат во Македонија кога ќе починат таткото или мајката за да ги погребаат, и повторно, наредните 15 години го нема. Што станува со масовното некрстење со македонски имиња на децата во дијаспората? Конечно, што станува со неучењето на македонскиот јазик? Јас ви гарантирам дека во овој момент, 50 проценти од децата на првата генерација на Македонци што се во дијаспората не знаат македонски, а да не зборувам за втората генерација… 99 проценти не знаат македонски!
И конечно, навистина за аргументите дека додавка од тип – Северна, е штетна. Нема никаква штета и нема никаква реперкусија за одбраната на македонскиот идентитет и за прашањето – ќе го има ли македонскиот идентитет. Едноставно, според мене, тоа не е прашање за дискусија.
Многу пати сум се изјаснил за тоа прашање, многу пати сум кажал дека прашањето на идентитетот е нешто што самите ние треба изворно да го браниме, и самите изворно да си го носиме.
Да не зборувам за примерите со имињата кои многу често сум ги спомнувал. Примерот на соседно Косово, народот е албански, делумно српски, меѓутоа да го гледаме албанскиот како носител, тие во ниту еден момент не сметаат дека името Косово е проблем за нивниот идентитет. Сакам да потсетам и на нашиот северен сосед, Србија, кога сите републики се распаднаа и остана само таа да биде Југославија, мислам дека 6-7 месеци името беше Југославија, народот беше српски, но имаше дискусија дури и да си го задржат името Југославија.
Идентитетот е нешто многу поизворно, тоа е чувство кое не може никој да ти го загрози ако имаш сопствена држава. И мене ми е жал што прашањето за идентитетот кое во принцип малцинско прашање, стана проблем на Македонците во Македонија. Да речеме во Туција – Курдите се борат за спасување или заштита на својот идентитет, во Македонија прашањето може да го поставуваат сите малцинства – само не, македонскиот народ – дали нивниот идентитет е доволно заштитен, дали државата се грижи за тој идентитет, дали има политика на асимилација…, тоа се идентитетските прашања.
Ова прашање нѐ става во една длабока дупка од која не можеме да излеземе. И се вртиме 30 години околу тоа прашање. Гледам, сѐ уште има многу политички сили кои се убедуваат тоа прашање да го одржуваат живо, повторно со истите теми и со истите приказни… А во основа, тоа е само една негација на сопствениот идентитет.
Текстот е дел од публикацијата „Губење на идентитетот или…?“ од истоимениот проект на ЦИВИЛ во соработка со Фондацијата Хајрих Бел.