СП и Европската банка за обнова и развој ,ЕБОР, денеска потпишаа договр за заем, као и општинаска и државна гаранција за договорот за набавка на 35 нови нископодни еко-автобуси на гас. Договорите ги потпишаа министерот за финансии Драган Тевдовски, заменик директорот на ЕБОР за општинска и еколошка инфраструктура Лин О’Грејди, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и директорот на ЈСП Кристијан Чушков.
ЕБОР ќе обезбеди 10 милиони евра преку заем, а 1,8 милиони евра од сопствени средства ќе обезбеди ЈСП. Автобусите ќе бидат вклучени во јавниот превоз најдоцна до почетокот на идната година.
Заемот е доделен под исклучително поволни услови – каматна стапка од ЕУРИБОР плус 1%, рок на отплата од 10 години со 3 години грејс период.
Министерот за финансии Драган Тевдовски посочи дека оваа инвестиција јасно ги отсликува определбите на Владата да вложува во проекти кои овозможуваат реални бенефити за граѓаните, но и доброобмислени проекти.
„Кога велам реални, мислам на проекти кои имаат реално влијание на економијата и подобрувањето на условите за живот на граѓаните. Нископодните автобуси на гас имаат значително помали емисии на јаглерод диоксид во однос на дизел-автобусите. Ова ќе придонесе во решавањето на проблемот со загадувањето. Под доброобмислени проекти подразбирам проекти кои ќе задоволуваат повеќе критериуми на подолг рок. На пример, новите автобуси ќе сообраќаат на поевтин енергенс во однос на двокатните. Исто така, ќе има заштеди и во однос на одржувањето“, изјави Тевдовски.
Градоначалникот на Град Скопје Шилегов рече дека одлуката за набавка на ваков тип автобуси ја донеле по спроведените тест возења на 3 различни модели на автобуси на гас и еден електричен автобус во текот на минатата година. Како што посочи, резултатите од овие тест возења покажале дека ваквиот тип на автобуси се еколошки, енергетски ефикасни и економски исплатливи.
„Обезбедувањето на одржлива урбана мобилност во градот, која целосно ќе излезе во пресрет на потребите на нашите сограѓани останува приоритет на кој планираме да останеме посветени и во иднина. Во таа насока работиме на подобрување на условите кои ги нуди ЈСП како сервис на граѓаните, а како резултат на тоа очекуваме зголемување на бројот на патници кои ќе го користат јавниот автобуски превоз. Тоа секако ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и што е најважно, ќе даде сериозен импакт во намалувањето на повеќе деценискиот проблем со аерозагадувањето“, рече Шилегов.
„На улиците ќе се вратат зглобните автобуси, кои имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните, овозможуваат побрз проток на патниците низ возилото што влијае на скратување на времето потребно за задржување на постојките, што ќе овозможи и зголемување на фрекфенцијата на возилата. Во новите автобуси, ќе има можност и за валидација на најмалку две места во возилото. Сето ова, автоматски на граѓаните ќе им овозможи побрзо да стасуваат до крајните дестинации, отколку сега возејќи се со кинеските автобуси“, рече Чушков.
Според Чушков, се предвидува користењето на возилата на гас во голема мера да го намалат и загадувањето на воздухот, бидејќи тие емитуваат значително помалку CO2, а речиси и да не емитуваат PM10 и PM25 честички.
Б. Ј.