Премиерот Зоран Заев на 1 февруари на настанот “Силна економија – шанса за сите” во Охрид му вети на инвеститорот на хотелот во Лагадин дека ако треба лично ќе ја донесе Второстепената комисија и ќе го реши случајот, на што денеска реагираа од здружението „Стар Лагадин“.
„Со вчудоневиденост и индигнација ја проследивме јавната вербална комуникација на премиерот Заев со инвеститорот на спорниот хотел во Лагадин на организираниот настан во Охрид „Силна економија – шанса за сите“ со која сметаме дека тој отворено се стави во улога на поттикнувач на еден од најтешките облици на корупција и криминал кој ние граѓаните на оваа земја го именуваме како градежна или урбанистичка мафија. Видовме и слушнавме како премиерот му ветува на „чичко Никола“, со кого си разменувале приватни смс-пораки, дека тој лично ќе се погрижел градбата на неговиот криминален хотел непречено да продолжи“, соопштија денеска од здружението „Стар Лагадин“.
Од здружението не веруваат дека Заев не бил запознаен со околностите околу случајот, затоа што министерто Сугаревски, кој исто така присуствуваше на настанот, веќе бил запознаен со целиот процес.
„Кон крајот на 2015г. од страна на криминалните структури на тогашната власт на локално и државно ниво незаконски беше суспендиран постоечкиот урбанистички план за населбата Лагадин со донесување на т.н. Општ акт со кој, со игнорирање и прекршување на дузина законски и уставни одредби, се овозможи не само почнувањето на градбата на овој хотел туку и натамошна тотална урбанистичка деструкција на населбата Лагадин со која населбата неминовно ќе претрпи трансформација налик на онаа која се му случи на скопското Дебар маало.
Нашето Здружение во април 2017г. покрена инцијатива во Уставниот суд за поведување на постапка за оценување на законитоста на Општиот акт за с.Лагадин и негово поништување. Иницијативата ја поткрепивме со експертиза на врвен експерт и судки вештак од областа на урбанизмот како и правно мислење на реномирана адвокатска канцеларија. Произнесувањето на Уставниот суд очекуваме да се случи набргу, во текот на овој или наредниот месец. Напоменуваме дека поништувањето на Општиот акт ќе подразбира и отстранување на градбата на тој хотел“, се вели во соопштението на „Стар Лагадин“.
Тие се убедени дека правото и правдата се на нивна страна и дека идните заложби на надлежните ќе бидат во насок на справување со корупцијата и загрозувањето на статусот на Охридскиот регион како светско наследство на УНЕСКО.