И покрај забелешките што ги имаа кон премиерот Зоран Заев при посетата на Охрид и неговото недоволно познавање на случајот со Лагадин, што подоцна се расчисти на заедничка средба, здружението „Стар Лагадин“, вчера се сретна и со в.д. градоначелникот на Охрид г-дин Константин Георгиески.
„Сакаме да изразиме големо задоволство од приемот и разбирањето што градоначелникот го има кон урбанистичките проблеми во Лагадин генерирани од претходната централна и локална власт.
Средбата претставуваше позитивно продолжение на средбата што ја имавме со Премиерот, г-динот Зоран Заев, и истата покажа дека имаме заеднички заложби во однос на решенијата за урбанистичкото дивеење на овој голем и значаен дел од охридското крајбрежје.
Разговаравме за решение кое ќе овозможи стопирање на спорното градење по основ на спорниот Општ акт за Лагадин до донесувањето на нов ДУП кој ќе биде изработен според високите стандарди и китериуми на новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање кој треба да биде наскоро донесен, како и во склад со препораките на УНЕСКО.
Убедени сме дека заеднички ќе допринесеме во заштитата на Охридското езеро и природната реткост на регионот и дека ќе бидеме пример и за останатите подрачја во зачувувањето на природата и паметното и еколошко живеење.
Уште еднаш сакаме да изразиме благодарност за одржаната средба и на г-дин Кoнстантин Георгиески му посакуваме успех на претстојните избори за Градоначалник“, велат од здружението.