„Додека постои светот и векот, национализмот ќе биде составен дел на човештвото, за жал“, смета познатиот велешки активист Игор Смилев.
Смилев смета дека иако можеби не е толку видлив како во некои други градови во земјата, национализмот во Велес, сепак постои. Тој додава дека токму таквиот латентен национализам е многу поопасен.
„Говорот на омразата и национализмот се убиствен коктел, којшто претставува рак рана на секое општество“, смета Смилев, но се надева дека се движиме кон подобро како општество.
„Искрено се надевам и сакам да верувам дека се движиме кон подобро и дека реалните економски и социјални политики ќе го сузбијат национализмот“, додава тој.
Во однос на екологијата и состојбата со Велес, Смилев е дециден дека Министерството за животна средина е последното министерство коешто не се сфаќа сериозно и дека министрите за животна средина се политичка награда на сите политички гарнитури досега, отколку што реално и суштински ја владеат животната средина.
„Нема ниту еден саниметар економски и социјален прогрес, ако нема еколошки прогрес. Велес живее еден тажен социјален момент, но на сметка на тоа го имаме еколошкиот момент којшто е за неколку класи понапред од другите. Тоа е основа за да се надеваме дека Велес еден убав сончев ден ќе биде економски просперитетен град, затоа што екологијата, економијата и социјалниот развој се свето тројство“, смета Смилев.
Дехран Муратов
обработка на текст: Маја Ивановска
камера: Ангела Петровска
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Горан Наумовски