Баш сме гревчиња кога ќе кажеме дека сакаме чист воздух. Можеби темата не е актуелна во моментов, но на ситно се бројат неделите кога повторно ќе почне масовното кукање и „постирање“ на графи кои ќе покажат нов бран загадување со (у)ПМ 10 честички. Како и секоја година, веројатно ќе почнеме од почеток: Скопје сака чист воздух…и Битола, а богами и Тетово. Сакаме, ама нема. Тоа што го имало и веројатно ќе го има ќе биде препукување околу тоа дали жителите или големите бизниси се највиновни за фактот што ние и нашите деца и годинава ќе се гушиме.
За да го добиеме чистиот воздух во најкраток можен рок, би биле потребни драстични мерки кои не би биле популарни ни за жителите ни за надлежните. Ставање катанец на повеќето депонии и поригорозно контролирање на дивите депонии секако е возможно. Тоа ќе се одрази на нас и нашите навики – колку отпад ќе произведуваме и како ќе се ослободуваме од него. Да потсетиме дека фрлање кади сосе плочки и врати во езеро заштитено од УНЕСКО и не е најпримерен потег. Дополнително, загрижува фактот што повеќе од половина од возилата на нашите улици не ги исполнуваат ни најосновните еколошки стандарди кои важат за европските земји.
Што да направиме? Да ги забраниме или конфискуваме старите возила и да ги натераме возачите да купат нови? Тоа е нереално, посебно имајќи предвид дека ако овие возачи имаат пари, не би возеле половен автомобил, туку би купиле нов, кој ги задоволува европските стандарди.
Но да бидеме фер во процената – дел од жителите (кои е тешко да се опишат како граѓани), ако можат и по нужда во тоалет би оделе со автомобилите. Оттука и препораката да се оди пеш на кратки дестинации паѓа на глуви уши, посебно ако се има предвид дека и дел од тротоарите и парковите се пренаменети во паркинг места за оние кои сакаат да се возат ама не сакаат да платат за паркирање. Дури и ако се обидете да избегате од авто сообраќајот, на пример до Водно, тоа не е возможно – глупаво е да се жалите за автомобили по планини и излетнички места, кога таму има паркинг. Тоа што автомобилите се перат во реки, како на Матка – е тоа не е битно. Тоа ќе се слика, ќе се објави на социјални мрежи и тука ќе заврши до следната реприза.
А зошто да не ги натераме да користат јавен превоз? Дури и ако го решиме проблемот со нередовноста на автобусите, колкумина од Вас би се осудиле во вторник и петок да се качите во тесен кинески автобус? Посебно ако застанува во близина на зелен пазар? Оние кои го почувствувале проблемот знаат точно на што се мисли.
Во ред. Сите на точак! И на тротинети! Ова секако е практична иницијатива која укажува на прогресивно размислување со кое дел од нас се поистоветуваат со Швеѓани или Холанѓани. Но ваквиот „филм“ се крши од моментот кога на велосипедските патеки ќе налетате на некој таленти кои ги скршиле заштитните столпчиња за да се паркираат. Kако што може да утврдиме од бројни фотографии на социјалните мрежи, за некои жители автомобилот е синоним за инвалидска количка. За дел од жителите пак, велосипедските патеки се шеталишта. Тротоарите кои се веднаш до патеките, веројатно, не се доволно интересни, иако се, видно, доволно широки. Да не заборавиме и на паркираните автомобили. Во одредени случаи, пешаците навистина немаат каде да одат. Ако нема велосипедска патека на која ќе треба да се прелетува преку паркирани автомобили и да се заобиколуваат кордони од пешаци, тогаш има улици. Кој ќе преживее со точак на скопска улица, нека раскажува.
Сето ова создава впечаток на безизлезна ситуација: дека колку и да се трудиме, нема шанси да го расчистиме воздухот. Но постои и алтернативен заклучок кој малкумина се расположени да го донесат – да тргнеме од себе , па потоа да се креваме против градот и надлежните. Се протестирало и треба да се протестира против аерозагадувањето, но за да имаме образ да упатиме вакви критики, треба да поставиме соодветен пример. Ако на пат кон протестите го фрлиме ѓубрето од зграда низ балкон, па го стартуваме стариот автомобил за да стигнеме на 100 метри подалеку и да се паркираме во среде парк, тогаш немаме образ да се буниме против аерозагадувањето. Да не заборавиме, децата за кои тврдиме дека се бориме го следат нашиот пример повеќе одошто ги слушаат нашите совети.
Александар Пешев
фотографија: Роберт Атанасовски