Владата има план и програма како да се справи со загадувањето на трајна основа, а тоа е да се дејствува во изворите на загадувањето, изјави за „Слободен печат“ заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.
Макрадули потврди дека е обезбеден и посебен буџетски фонд за првичните активности, во висина од два милиони евра, но на располагање се и околу 20 милиони евра од одредени ставки од буџетите на неколку министерства, наменети за остварување на мерките од обемниот план.
Макрадули смета дека не е оправдана реакцијата на некои невладини организации, кои погрешно разбрале дека овој буџет е намален.
Во оваа фаза од програмата, значајна е мерката со која Владата им нуди инвертори на граѓаните како замена за печките на дрва, со 100 проценти владина поддршка. Интересот е огромен вели Макрадули.
ЦИВИЛ, на работилницата „Зелена иднина“ што се одржа на 12 септември во Велес, со учество на невладини организации, претставници на институциите и локалната власт, стана збор и за мерката на Владата за замена на печките на дрва со инвертори. На средбата беше потенцирано очекувањето на граѓанките и граѓаните на Велес да се најдат на листата од општини (Скопје, Тетово, Битола и Кичево) во кои се спроведува оваа мерка од Планот за чист воздух. Неодамна, Владата ја прифати и иницијативата на Граѓанската Еколошка Организација, Еко Герила од Тетово, за поставување на модерни филтри на оџаците на 30 големи компании кои загадуваат.
Џ. Д.