Климатската активистка Грета Тунберг и група млади активисти синоќа присуствуваа на состанокот на Работната група при американскиот Сенат, која е формирана за интензивирање на борбата против климатските промени.
Работната група ги пофали напорите на младите активисти, истакнувајќи дека прикажана мудрост ја надминува нивната возраст.
– Ве молам, сочувајте си ги вашите пофалби. Ние не ги сакаме. Немојте тука да не каните само за да ни кажете колку инспиративни сме ние, кога не правите ништо по тоа прашање, изјави 16-годишната активистка од Шведска, која го иницираше движењето „Петоци за иднината“, прифатено во целиот свет.
Сенаторите ги прашаа младите за тоа како американскиот Конгрес треба да се бори против една од најитните и политички спорни закани со која се соочуваат светските лидери – климатските промени.
– Доколку сакате совет за тоа што треба да направите, поканете ги научниците. Прашајте ги начниците за нивна експертиза. Ние не сакаме да бидеме слушнати. Ние сакаме научниците да бидат чуени, рече Тунберг, дополнувајќи дека таа е само ученик – ниту научник, ниту сенатор.
Обраќајќи се до Конгресот како целина, Тунберг рече: Знам дека се обидувате. Но, простете, ама едноставно не се трудите доволно.
На овие забелешки на активистката приврзаниците ракоплескаа, додека преостанатите се смееја.
Сенаторот Ед Марки од Масачусетс, од редовите на Демократската партија, застапник на Новиот Зелен договор и претседател на сенатската Работна група за климата изгледаше изненаден од говорот на Тунберг, но сепак се насмевна.
– Неопходно ни е вашето водство. Младите луѓе се армија, во политичка смисла, која пристигна во САД. Го свртевте рефлекторот на оваа тема на начин што досега не беше направен и создадовте нов Икс фактор, и се обрати сенаторот на Тунберг.
– Ве слушнавме. Слушаме што зборувате и ние ќе ги удвоиме напорите, вети Марки.
Тунберг беше една од неколкуте млади активисти кои беа поканети да се обратат пред Работната група за време на дводневните активности и говори, со цел да ги повика пратениците да ја поддржат „трансформативната климатска акција“. На неа се придружија активисти од цела САД и Јужна Америка, како дел од „мултирасниот, меѓугенерацискиот“ напор за борба против климатските промени.
Состаноците и говорите во Вашингтон имаат за цел да ја подигнат свеста пред глобалниот штрајк за климата во петок, кога учениците и вработените ќе излезат надвор од училиштата и канцелариите за да извршат притисок врз нивните влади да дејствуваат додека светските лидери ќе бидат во Њујорк, на Самитот на ОН за климата.
На Штрајкот за климата во Њујорк учество ќе земат околу 1,1 милиони ученици, објави Аксиос. Директорите на училиштата во САД не знаат како став да заземат откако њујоршките власти соопштија дека децата нема да добијат неоправдани за учеството во петочните протести.
Во САД, поддршката за одлучно дејствување против климатските промени е поларизирана. Многу републиканци – меѓу нив и претседателот Доналд Трамп – сè уште се отворено скептични за научните докази кои посочуваат на последиците од глобалното затоплување. Републиканските лидери ги исмеваа демократите за претставувањето на Нов зелен договор, кој претставува амбициозна резолуција на 14 страници, која повикува на „10-годишна национална мобилизација“ при што ќе бидат елиминирани емисиите на штетни гасови во земјата за една деценија. Научниците велат дека за затоплувањето да се ограничи на 1,5 степен, потребно е да се намали нивото на јаглерод до 45 отсто до 2030 година и да достигне нула околу 2050 година.
Марки потенцираше дека благодарение на младите активисти, прашањето за климата е сè почесто присутно во дебатите пред претседателските избори 2020.
– Што се случи? Вие се случивте!, истакна Марки, дополнувајќи дека претседателските избори 2020 година во САД, на многу начини ќе претставуваат референдум за климатските промени.
Тунберг пристигна во САД откако го мина Атлантикот на јахта на соларен погон. Таа го сврте вниманието на јавноста откако почна секој петок да протестира пред шведската Влада, барајќи поголем ангажман во однос на климатските промени. Иницијативата „Петоци за иднината“ се проширија во 135 земји, што и донесе и номинација за Нобеловата награда за мир.
Во понеделникот таа го доби и признанието од Амнести интернешнал, која ја прогласи за овогодишен Амбасадор на совеста.
Исто така, таа имаше средба и со поранешниот американски претседател Барак Обама. Тој сподели фотографија со неа, покрај која напиша: една од најголемите бранители на нашата планета и некој кој не се плаши да притисне за вистинска акција.
За денеска е предвидено таа да се обрати пред Претставничкиот дом во американскиот Конгрес.
извор: МИА