пишува: ДРАГАН ЧУНГУРСКИ
Каков лидер треба да бидеш кога немаш елементарно чувство за животното опкружување на твоите најблиски. Нели ако веќе животот си го свел да бидеш робот или роб на парите, моќта, власта…, а од друга страна оправдување пред сите па и пред Бог, ти е дека го правиш тоа за твоите деца и твоите најблиски: Ха ха ма немој!
Не држи вода тоа. Време е на сите да покажеш колку си спремен да ги подобриш елементарните елементи за живот потребни на секој човек, а тоа се вода, воздух, почва и воедно да ја искористиш светлината што на знамето си ја носиме.
Епа сè дотогаш додека ти не се свестиш, за мене вистинскиот лидер ќе биде едно шеснаесет годишно девојче по име Грета Танберг. Нејзината смиреност и искреност духовно сврзува и обединува милиони луѓе секојдневно низ целиот свет, затоа што сите нас како дел од живиот свет на Земјата, не мачи еден ист проблем, а тоа е алчност за пари и слава што кулминираше со глобалното затоплување и ред други природни катастрофи.
Истите со кои и ние во нашата држава во изминатите години плативме со човечки животи. Е тоа е лидер што обединува, тоа е лидер што ќе го поддржам и ќе стојам до крај со него во претстојните битки.
Ние се соочуваме со човечка катастрофа од глобално ниво. Што ќе им кажете на идните генерации кога ќе ве прашаат, што направивте за да помогнете?
Многумина можеби ќе се насмевнат и ќе речат: „ Јас ли сум тој што ќе го поправи светот?“
Да бе, пријателе ти си! Сите ние сме! Ти си тој што е патриот, нели? Еве имаш шанса , да се докаже.! Почни да селектираш отпад или засади едно дрво.
И не знам зошто го напишав ова, некако чувствував таква потреба, можеби со ова ќе успеам да допринесам за подигање на јавната свест за зачувување на животната средина. Никогаш не се знае.
Поздрав и бидете ми умни и ведри секогаш и запомнете: денес е модерно да бидеш екологист, не се срамете да се одважите и да учествувате во некоја еколошка акција.