Првиот Марш за иднината се одржа денеска во Скопје, во организација на движењето за климатска правда „Fridays For Future“.
Маршот на „Fridays For Future“, кој е во рамки на глобалната Недела за иднината, почна од Министерството за животна средина, помина покрај Собранието и заврши пред Владата, каде беа поставени барањата на движењето.
Никола Јовановски од движењето „Fridays For Future“ (Петоци За Иднината) истакна дека тие со денешниот марш бараат да се прогласи климатска вонредна состојба на национално ниво, изработка на план за намалување на употребата на автомобили итн…
– Од Владата на Република Северна Македонија бараме: Прогласување на климатска вонредна состојба на национално ниво, како услов за институционална приоритизација и сензибилизација на општествените актери за прашањето, активирање на специјалното национално тело – комисија за борба против климатските промени, кое постои само на хартија и нема никакви ингеренции и овластувања, отпочнување на процесот за затворање на постоечките електрани на јаглен и преминување на 80 отсто обновливи извори на енергија до 2030 година и 100 отсто до 2050 година, изработка на план за намалување на употребата на автомобили, заедно со комплетна обнова и проширување на капацитетите на јавниот транспорт и воведување на климатската проблематика во формалното образование во основните и средните училишта како посебен предмет, рече Јовановски.
извор: МИА