ЦИВИЛ денеска ги соопшти извештаите и анализите кои опфаќаат низа аспекти.
Фокусот на овие избори е на политичкото финансирање, лажните вести и говорот на омразата, злоупотребите во различни категории од мониторингот и мерките за заштита од коронавирусот. ЦИВИЛ уште еднаш ќе ги упати пораките во пресрет на изборниот ден. На пресот ќе се говори на македонски, албански и ромски јазик.
„Од речиси 900 предизборни активности за кои партиите дале пари во предизборната кампања, две третини се финансирани од најголемите политички партии од власта и опозицијата, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, трета по големина нарачател е Левица, а веднаш по неа е „непознат нарачател“, утврди тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на финансирањето на предизборната кампања. Од 20 јуни до полноќ на 9 јули, тимот за мониторинг регистрираше вкупно 895 активности, во огромно мнозинство видео-спотови и спонзорирани содржини на Фејсбук“, истакна Џабир Дерала од ЦИВИЛ.
Дерала додаде дека тимот на ЦИВИЛ го почна мониторингот на 20 јуни и до официјалниот почеток на кампањата, 24 јуни, регистрираше 20 настани што беа предвремена кампања, од речиси сите партии. Во тој период беа регистрирани девет партиски јавни собири и пет видео спотови.
„Најголем дел од содржините во изборната кампања се спонзорирани објави на социјалната мрежа Фејсбук, вкупно 406. До 9 јули на полноќ биле објавени 381 видео-спот, голем дел како спонзорирана објава на Фејсбук, а партиите одржале 81 митинг и јавен собир. Мониторингот регистрираше 62 случаи на дистрибуција на промотивен партиски печатен материјал. Како посебна поткатегорија, тимот издвои 44 случаи на „црна кампања“ против политичка партија, а регистрираше и 19 случаи на политичко рекламирање вон законски утврдените рамки, 13 случаи на скриена кампања…“, додаде Дерала.
Од вкупно 44 случаи на „црна кампања“, речиси во сите станува збор за видео-спотови, освен во 6, кога биле растурани флаери со кои се оцрнува одредена партија. Во 22 случаи нарачател била ВМРО-ДПМНЕ, во два нејзини симпатизери, а во 9 случаи СДСМ. Во 10 случаи нарачателот бил непознат, а кампањата била против СДСМ во 6 случаи, против ВМРО во три и во еден случај против СДСМ/Беса.
Мониторингот на ЦИВИЛ издвојува 9 најчести Фејсбук страници кои шират говор на омраза и дезинформации:
- Чао Заев со 31.214 следбеници на страницата
- Мај Тап со 30.251
- Види Види со 27.552
- Секула Војвода Фан Клуб со 19.405
- Налет да се сторите со 15.233
- Зоран Заев предавник број 1 со 11.942
- Слобода или Смрт со 4649
- Ни Курто ни Мурто со 966
- Павел Шатев со 33 следбеници
Здруженија кои земале учество во овие објави со споделувања, лајкови или коментари се:
- Трета Политика со 4.575 следбеници
- MK Dijaspora Europe со 20.600
- УМС Враништа (профил на кој не се видливи пријателите )
ЦИВИЛ ќе објави листи со имиња на профили на сејачи на лажните вести и говорот на омразата, најави Дерала.
Најдоцна до утре напладне ЦИВИЛ ќе ги објави анализите и целосниот извештај од мониторингот на изборната кампања.
Во однос на објавувањето на имињата на профилите, ЦИВИЛ забележува реакции, односно згаснување на број повлекување на дел од страниците и молби од некои од нив да се тргнат одредени текстови, каде се презентираат тие случаи, и бара од надлежните институции да преземат законски мерки да се спречи и санкционира говорот на омраза, но одзивот речиси секогаш е многу мал.
„Класичен пример за тоа е вандализмот врш седиштетот на ЦИВИЛ, кој беше со говор на омраза, со закани и навреди, како и телефонските закани кои ги добивме. Јавното идентификување има големо значење и се надевам ваквиот начин ќе придонесе за подигнување на свесноста и културата на граѓаните“, истакна Биљана Јордановска од ЦИВИЛ.