пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
„Оние што може да ве убедат во апсурди, можат да ве убедат да извршите ѕверства“, напиша Волтер во своите „Писма за чудата“ во 1765 година. Два и пол века подоцна, неговите зборови одекнуваат со застрашувачка актуелност.
Отидовме многу далеку. Живееме со луѓе кои не гледаат ништо лошо во масакрите, погубувањето на политичките неистомисленици и етничкото чистење. Некои од нив тоа и отворено го пишуваат и кажуваат. Некои стануваат пратеници и функционери со крвавата наметка на злосторствата против човештвото на своите рамена.
Со генерации наназад, ги учевме историските факти, благо помешани со митовите и легендите (како и секаде низ светот), за луѓе кои верувале во слободата и еднаквоста на сите луѓе, во нивното заедништво. Од мали нозе учевме за тоа дека вреди дури и да се умре за слободата на сите луѓе, без оглед на нивната припадност. Тоа време, тие сништа и борби, тие крвопролевања, сето тоа можевме да го оставиме во минатото, во книгите со историски факти, проткаени и со по некоја не сосема вистинита легенда… И немаше потреба (никој да нè тера) да умреме за слобода, туку доволно беше само да живееме во неа и меѓусебно да се почитуваме.
Истите луѓе, припадници на различните генерации израснати во духот на еднаквоста меѓу сите луѓе, сега живеат живот во кој им посакуваат добредојде на пораките и идеите за поделби, одмазда и терор во своите глави. Историските факти станаа лаги на „мрачните заговорници“, а митовите и легендите за некои други ликови, искривени до непрепознатливост, станаа „новата вистинска вистина“. Со бескрајна леснотија се прифаќаат комодитетот, тапоста и глупоста како најприфатливи состојби. Кога можат воловите, можеме и ние…
Илинден е еден од оние датуми за кои учевме уште во школските клупи. Учевме за жртвата на малкумина храбри луѓе кои се кренале против тиранијата на властите, повикувајќи на отпор и борба за слобода и еднаквост на сите луѓе од сите заедници, обраќајќи им се со браќа и сестри, како и оние што половина век подоцна се обраќаа со другарки и другари. Едната револуција траеше 13 дена, другата се претвори во социјалистички систем што траеше половина век.
Дојде време и ни ги одзедоа сите тие датуми. Тие датуми што му даваа ритам на нашето секојдневие, нè собираа околу една заедничка трпеза, станаа денови на зла крв, од кои кај луѓето се раѓаат чувства на страв, гнев, револт, па и гадење. Не е нималку наивно. Кога ќе му одземат на човек сеќавања и знаења, тоа е како да му одземаат дел од животот. Кога истите тие сеќавања и знаења ќе ги уништат, а на нивното место ќе всадат лаги чија што будат ниски страсти и крволочност, тоа е како план за масовно убиство.
Ова се времиња кога фактите стануваат неважни. Големите машинерии за мелење на човечки мозоци ја убедија толпата во ноторни и плитки лаги. Пораките не се засноваат на факти, не му се упатуваат на разумот, туку на емоциите. Политичарите не зборуваат за вистинити и реални нешта, туку си играат со стравот и надежите, љубовта и омразата, како со џамлии. (Појаснување: Џамлии се стаклени топчиња со пречник од 1 до 2 сантиметри кои се користеа за една древна игра за која денешните деца не знаат, а која ни јас не ја играв, бидејќи бев „бубалица“ и „мамин син“.)
Нејсе, сè отиде по ѓаволите. Се занимаваме со дивјаци кои имаат многу пари и диктираат темпо во јавноста. Полудени од жед за пари и моќ, без морал и разум, во суштина гротескни и грди, но несвесни за грдотијата, бидејќи се плитки, насилни и арогантни… Ете, со нив се занимаваме, понекогаш и премногу. Наместо да им плукнеме в лице на криминалците и злосторниците, ги третираме како рамноправни соговорници. Но… Тоа е друга приказна која веројатно има врска со постојаната дефанзива во која се наоѓаат тие што ги негуваат високите човечки вредности.
Идеите за еднаквост, заедништво и слобода се достапни за сите, тие се општо добро. Поделбите и насилствата се бизнис од кој профитираат малкумина, а страдаат многумина. А за да профитираат малкумина, потребно е многумина да станат барем како телиња. Со оваа „среќна“ мисла, ќе го завршам денешниот галоп низ мислите, сеќавањата и датумите што ни ги одзедоа.
Честит Илинден и честит Курбан Бајрам на сите што на било кој начин ги одбележуваат и слават овие денови со чиста мисла и добра намера.