Во „Инфо-центарот“ на Пониква, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев оствари работна средба со вицепремиерката Мила Царовска и раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија Никола Бертолини, на која ги претстави проектите за развој на туризмот во општината и регионот, информираат од Општина Кочани.
„Средбата ни даде можност да разговараме за нашите стратегиски определби, во кои туризмот е на висока позиција. Со подготвената документација за неколку проекти, во која Општина Кочани вложи сопствени средства, покажуваме дека сме подготвени за нивна реализација. Сметам дека со природните ресурси со кои располагаме и проектите што ќе го подобрат туристичкиот развој, не само општината и регионот може добро да живее“, истакна градоначалникот Илијев.
Вицепремиерката Царовска и претставникот од Делегацијата на ЕУ Бертолини го посетија објектот во градба што ќе биде наменет за планинарски дом на Пониква, проект финансиран од Светска банка, со средства од Европската Унија. Илијев ги информираше гостите и за тековниот проект за реконструкција на двата ски-лифта и се заблагодари за можноста директно да ги запознаат потенцијалите што ги нудат Пониква и Кочани во развојот на туризмот.