Во рамките на Граѓанскиот форум за учество во креирање на владините политики, ЦИВИЛ одржа панел дискусија со професорката Мирјана Најчевска и Виолета Петровска Бешка, на темата национализам. Професорката Мирјана Најчевска зборуваше за национализмот од правен аспект, посочувајќи ги правата на индивидуата во однос на колективот, злоупотребата на политичките субјекти кон индивидуата во интерес на колективитетот, и перцепирањето на индивидуалното и колективното во нашето општество.
– Кога зборуваме за национализмот, всушност понекогаш се стекнува впечаток дека станува збор за нешто многу негативно. Дека станува збор за нешто што секогаш има негативен предзнак и слично, меѓутоа јас не мислам така. Национализмот, чувството за нацијата, сакањето на нацијата, припаѓањето кон одредена нација е нешто многу нормално, и може да биде и многу позитивно, посочува Најчевска.
Меѓутоа, во оној момент кога тој аспект, таа определба ќе почне да обојува се, во моментот кога ќе ги покрие со иста боја сите останати аспекти на живеењето на индивидуата, тогаш доаѓаме до оној вистинскиот проблем. Всушност кај нас во Македонија токму тој елемент, тој начин на разбирање на односот кон нацијата е она што ни се случи, а тоа е губењето на индивидуата. Наместо да се развива, од осамостојувањето на Македонија па наваму, чувството на индивидуалност, постоењето на индивидуите коишто на различен начин комуницираат меѓу себе, коишто имаат различни односи, коишто се на различен начин перцепирани во заедницата, ние се задржавме, на еден многу интересен, чуден и многу специфичен начин, пристапот на колективитети.
Наместо да го развиваме граѓанското општество, како што е дефинирано во нашиот устав, како што се обидуваме да го дефинираме во законите и слично, каде што во центарот на нештата се наоѓа граѓанинот како индивидуа, како носител на своите права, како носител на одредени потреби, интереси, желби и слично, се уште се задржаа, во се она што претставува политичко и правно милје – колективитетите. Тој приод, тој начин на третман на односот меѓу нацијата и индивидуата, којшто е поклопен од страна на поделбата на заедницата на колективитети, го создава проблемот на негативниот предзнак на национализмот. Шо се случи кога беше потпишан, кога беше прогласен Охридскиот рамковен договор…
Во преамбулата на овој договор, во првите членови на договорот, многу јасно, декларативно се означува дека тоа е договор којшто има намера да придонесе во изградбата на граѓанското општество. Во изградбата на општеството како збир од индивидуи коишто ќе можат да живеат во една демократска и правна држава. Меѓутоа, тоа е содржано само во првите два-три члена. Понатаму веќе, секој од членовите на некаков начин го оспорува, се спротивставува на ова декларирано, граѓанско, во самиот договор. Имено во сите останати членови понатаму, не се зборува за индивидуата, не се зборува за индивидуалните права, не се зборува за односот на индивидуата со заедницата, туку се зборува за колективитетите, за правата и формирањето на колективитетите, и за права коишто произлегуваат, и се поврзани единствено со колективитетите.
И, да речеме, се зборува за посебен облик на територијална поделба којашто ќе овозможи не подобро или посуштинско остварување на индивидуалните права, туку ќе овозможи остварување на колективните права. Се зборува за бројки, се зборува за проценти кои се потребни, за да може еден колективитет да ги оствари своите права во рамките на заедницата. Сето ова на некаков начин го деформира, и видувањето, односот меѓу индивидуата и заедницата, т.е. нацијата. И наместо да имаме однос на индивидуата со нацијата, како еден од мноштвото односи коишто би се изградиле во државата, ние всушност добиваме однос на колективитетите кон нацијата, односно, индивидуата не може да биде препознаена како индивидуа, доколку не припаѓа кон одреден колективитет. И во тој момент, почнува да се поставува прашањето на својатање на нацијата, на кој колективитет всушност, и припаѓа нацијата. Штом ќе се поврзе односот помеѓу човекот и нацијата, како однос меѓу колективитетот и нацијата, доаѓа до моментот на поделбата на „тие“ или „ние“, или „наша“ или „ваша“ нација, односно, колку е наша и колку е ваша нацијата. И тука почнува тоа негативно димензионирање на односот со нацијата, односно развојот на еден негативен национализам којшто се базира етничката припадност, односно на колективната и на групната припадност. Сето тоа понатаму се развива на еден специфичен начин, во севкупна поделба на општеството по линијата на етницитетот, односно на групите. И на тој начин, се што постои во општеството, мора да го добие групниот предзнак, пред да биде препознаено како дел од нешто што претставува структуирање на индивидуите.
Партиите не се веќе партии во кои се здружуваат индивидуите, за да можат да остварат одредени права, потреби и интереси, туку тоа се здружувања коишто имаат карактеристики од еден од етничките колективитети, и како индивидуа мораш да се приклониш кон една од тие партии, којашто соодветствува не со твоите идеолошки размислувања, не со твоите потреби, интереси и слично, туку со твојата претходно определена етничка припадност, односно припадност кон одреден колективитет. И тоа не се задржува само на партиите, туку продолжува невладините организации, на кој било облик на здружување на граѓаните, на синдикатите, на сите односи се става печатот на колективитетот. И во одреден момент, посебно политичките партии, многу лукаво почнуваат да го користат тој елемент којшто произлегува и претставува заостаток од нашето поранешно општество, и од она што претставува Рамковен договор, и почнуваат да ги градат шанковите или ѕидовите на поделбата, меѓутоа и успеваат да ги манипулираат граѓаните во секој од политичките односи. И национализмот како елемент на она што претставува искористување на негативниот предзнак на овој однос, станува дел од политичката борба, станува дел од она што претставува порака што се праќа од страна на политичките партии до граѓаните, меѓутоа и начин на нова, и одново и одново мобилизација на граѓаните околу едно колективно ткиво, односно ткиво на етницитетот. И може да се види дека секогаш, во секој момент, кога граѓаните ќе покажат некој облик на друг начин на структуирање, коешто се поврзува со нивните заеднички потреби и интереси, коишто дефинитивно немаат врска ниту со етницитетот ниту со посебниот колективитет кон кој што се присилени да припаѓаат, ниту со потесната заедница, во тој момент, една, две,три, сите политички партии почнуваат да ја ставаат на маса картата на национализмот, односно, на својатањето на нацијата, и на тоа кој повеќе дал на нацијата, кој повеќе придонел за нацијата, и кон подобро котира во рамките на она што претставува колективно котирање во нацијата. Целото правно милје, коешто од формално правен аспект е граѓански ориентирано, се обидува да го посочи граѓанинот барем декларативно како основа на правните норми, и на легалното уредување на односите, паѓа во вода со сите оние одредби коишто спротивно на овој начин на третирање, го форсираат колективитетот.
Дијана Тахири
камера: Атанас Петровски
монтажа и фотографии: Билјана Јордановска