Во срцето на денешно Скопје, во куќата на тогашната улица „Поп Кочина“ број 14 што се наоѓала до денешниот ресторан „Пелистер“ на плоштадот „Македонија“, на 26 август 1910 година била родена Гонџа Агнес Бојаџиу. Потекнувала од угледно католичко семејство од албанска националност, чии вредни родители секогаш го почитувале правилото да се помогне на секој на кој му е потребна помош. Нејзините родители Никола и Драна Бојаџиу и денеска се смета дека одиграле значајна улога во прераснувањето на скопјанката Гонџа Бојаџиу во светица во католичкиот свет, која го посвети целиот свој живот на помагање на сиромашните и на немоќните луѓе.
Мајка Тереза живеела во Скопје до 18-тата година од својот живот. Како католички верник, таа била редовен посетител на католичката црква Пресвето срце Исусово во Скопје, која во тие години биле водена од отецот Фрањо Јамбрековиќ. Тој често на верниците им читал писма од мисионерки од Индија и Африка и живописно им ги објаснувал добрите дела кои тие ги правеле на сиромашните и немоќните лица. Се смета дека токму обраќањата на отецот Јамбрековиќ одиграле голема улога во одлуката на Гонџа на 18-годишна возраст да го напушти Скопје и да замине во Даблин, Ирска за да се приклучи на редот „Сестрите од Лорето“. Таму, го избира името Тереза по својата патронка Св. Тереза од Лизје.
Мајка Тереза на крајот од 20-тите години на минатиот век заминува во Бенгал и Калкута во Индија. По нејзината долгогодишна работа како наставничка во католичкото училиште во Калкута, во 1948 година добила дозвола да го напушти редот „Сестрите од Лорето“ без да се откаже од статусот на калуѓерка и почнала да живее со најсиромашните жители во предградијата на Калкута. Во 1950 година го основа редот „Мисионерки на љубовта кон ближниот“, а една година подоцна добила индиско државјанство.
Со нејзината пожртвувана работа, помогнала на голем број гладни, болни, бездомни и сиромашни лица. Нејзиниот ред формиран пред седум децении, денеска брои илјадници сестри и браќа кои им помагаат на немоќните лица во повеќе од 100 земји од светот. За својата добротворна мисија, Мајка Тереза во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир. Во своето обраќање при доделувањето на наградата, таа ќе рече:
„Денес, кога ја добивам оваа голема награда – јас лично сум сосем недостојна за неа – се радувам за нашите сиромашни, среќна сум дека можам да ги разберам сиромашните, подобро кажано бедата на нашите луѓе. Благодарна сум и многу среќна што ја добивам оваа награда во името на гладните, голите, оние без татковина, хендикепираните, слепите, болните од лепра. Во името на сите оние што се чувствуваат непосакувани, нељубени, незгрижени, истуркани од нашето општество. Ја прифаќам оваа награда во нивно име и сигурна сум дека оваа љубов ќе донесе љубов, која што е полна со разбирање меѓу богатите и сиромашните. На ова инсистираше Исус, затоа дојде на овој свет, да им ја даде оваа радосна порака на сиромашните“.
Мајка Тереза во 1980 година е прогласена за почесен граѓанин на нејзиниот роден град Скопје, која таа ќе го посети четири пати во 70-тите и 80-тите години на минатиот век. По нејзината смрт на 5 септември 1997 година на возраст од 87 години, Мајка Тереза на 19 октомври 2003 година од папата Јован Павле Втори ја доби титулата Блажена Мајка Тереза. Папата Франциск на 4 септември 2016 година на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан ја канонизираше Мајка Тереза во светица.
извор МЕТА