Во Лабораторијата за хроматографска анализа на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет денеска беше презентирана нова опрема која ќе служи за мерење на загаденоста на воздухот и почвата за време на процесот на чистење на останатиот линдан и неговите изомери во фабриката „Охис“.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини нагласи дека му претставува чест да присуствува на настанот што ја потврдува нивната цел за решавање на долгогодишните проблеми со загадувањето.
– Овие активности се дел од подолгиот процес во којшто сме вклучени, повеќе од една деценија со цел да најдеме решение за жешките точки во нашата земја, особено локацијата „Охис“. Како што знаете ние потпишавме договор за соработка со УНИДО и со УНОПС којшто треба да почне во текот на јули. Овие фондови потекнуваат од Кралството Норвешка, проектот ГЕФ, како и од фондови на Владата на Република Северна Македонија. Ова е огромен чекор којшто е со историско значење затоа што ќе овозможи понуда на решение за проблем со којшто се соочуваме со децении, рече Нуредини.
Министерот наведе дека тоа ќе биде еден мал чекор за започнување со чистење на загаденото земјиште којшто ќе води кон еден поголем чекор на посеопфатно чистење на земјиштето.
– Сакам да изразам благодарност до Кралството Норвешка што го поддржа Институтот за хемија при ПМФ со донирање на специфични инструменти коишто ќе ни овозможат мерење на загаденоста на земјиштето и на воздухот но и прочистување на загаденото земјиште и воздухот, истакна Нуредини.
Заменик-амбасадорот на Норвешка Геир Јохансен изрази благодарност што веќе три години соработуваат со Владата во делот на донирање на 1,5 милиони евра за санација на загаденото земјиште со линдан во делот на фабриката „Охис“.
– Во рамки на проектот Нордик прогрес ние успеавме да донираме опрема со којашто може да се мери степенот на загаденост на земјиштето во пределот на „Охис“. Оваа опрема што ја дониравме ќе му овозможи на Институтот да се прават точни мерења, исто така и да се стекне поголем легитимитет за научните наоди. Многу сме среќни што соработуваме со Владата на РСМ и среќни сме што ќе ја продолжиме таа соработка, порача Јохансен.
Марина Стефова од Институтот за хемија изрази благодарност за добиената опрема за Лабораторијата за хроматографски анализи којашто е насочена за анализа на органохлорни пестициди, во примероци од почва и воздух за време на процесот на чистење за останатиот линдан и неговите изомери во фабриката „Охис“.
– Лабораторијата за хроматографски анализи функционира повеќе од 20 години и го има потребното искуство и знаење за изведување на овие анализи и токму со оваа нова опрема сега всушност ќе одиме и во една насока на истражување и мониторинг токму на овие загадувачи, наведе Стефова.