ЗЕЛЕН ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ) секоја година спроведува активности и проекти за промоција, едукација и застапување на зелените вредности во нашата земја. Антинационализмот и социјалната правда се дел од заложбите на ЦИВИЛ и во оваа област, бидејќи тие се нераскинлив дел од зелените вредности, чии носители се најпрогресивните организации на граѓанското општество, политичките партии на зелените, групи и поединци насекаде во светот. ЗЕЛЕН ЦИВИЛ има и своја веб страница на македонски, албански и англиски јазик.
И оваа, 2021 година, ЦИВИЛ спроведува активности за промоција, едукација и застапување на зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда, како дел од проектот „Зелено општество за сите“, во партнерство со германската Фондација Хајнрих Бел, регионалната канцеларија во Сараево.
Еден од заклучоците на минатогодишната конференција „Зелените доаѓаат“ (19 ноември 2020) гласи дека е неопходна граѓанската едукација за зелените вредности во општеството. Во таа насока, ЗЕЛЕН ЦИВИЛ оваа година подготви 30 едукативни текстови за значењето на различни поими од областа на зелените вредности, зелените политики, заштитата на животната средина, екологијата, социјалната правда итн.
Секој важен поим од овие области се објаснува на едноставен, приемчив начин, за да послужи како основа за понатамошно продлабочување на знаењата и информирањето на граѓанките и граѓаните. Воедно, тимот на ЗЕЛЕН ЦИВИЛ се потруди да приложи и по неколку линкови до релевантни извори за понатамошно читање и запознавање со поимите поврзани со темите.
Текстовите ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ, на македонски и албански јазик, на веб страниците www.greencivil.mk, www.civilmedia.mk и www.drejt.mk и се достапни за преземање од заинтересираните медиуми и организации, според лиценцата Creative Commons 4.0. Истото важи и за заинтересираните просветни лица, едукатори во граѓанските организации, во политичките партии или во институциите. Доколку имаат потреба, можат да го преземат или отпечатат потребниот текст (или сите во оваа серија), но се замолени да го наведат изворот и линкот до содржината.
ЗЕЛЕН ЦИВИЛ препорачува едукативниот материјал да се користи во електронска форма, а доколку е неопходно, да се печати на рециклирана хартија.
Со проектот „Зелено општество за сите“, ЦИВИЛ ја продолжува промоцијата на идеите за меѓусебната поврзаност на зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда, особено во контекст на креирање локални политики и практики со вистинска грижа за интересите на граѓанките и граѓаните на локално ниво.
Серијата едукативни текстови секако е прилог кон тие заложби и позиции на ЗЕЛЕН ЦИВИЛ.
Тимот на ЗЕЛЕН ЦИВИЛ
This post is also available in: Albanian