Универзитетската професорка Мирјана Најчевска на социјалните мрежи го сподели својот став за идејата на Мицкоски што ја промовира во изборен контекст деновиве. На 23 јули таа напиша:
Јас сум против идејата на Мицковски, Македонија да стане тргувачница со криптовалути.
За мене тоа е идеја спротивна на сè што е зелено, сè што е ориентирано кон намалување на климатските промени и сè што е ориентирано кон социјала.
Криптовалутите значат несразмерно големо трошење на енергија, загадување на животната средина и зголемување на негативните трендови во климатските промени.
Ја разбирам грозницата која ги фаќа луѓето (имало и златна, и дијамантска, и …) меѓутоа мислев дека човештвото пораснало.
Воедно професорката сподели и линк до веб страницата Инвестопедија за влијанието на криптовалутите врз животната средина.
Истиот ден, Најчевска за криптовалутите напиша и:
Ова со криптовалутиве многу ми личи на проблемот со климатските промени. Велат нема проблем.
А ураганите и поплавите и високите температури се коинциденција. Да се разбереме, јас сум многу за напредок. Ама одржлив и зелен и хуман и осмислен и логичен. Криптовалутите се промена, но не и напредок.
Денеска, 25 јули, проф. Најчевска излезе со нова, подолга објава која се однесува на негативното влијание на криптовалутите особено во доменот на социјалната правда. Таа напиша:
Уште нешто за криптовалутите.
Еден мој драг пријател ми напиша дека криптовалутите значат „слободна трговија, која не може да се контролира од влади. Саморегулиран маркет, а не вештачки дигање на цени од влади и субвенционирани производи кои корумпирани политичари ги користат.“
Според мене, било која слободна трговија која не е контролирана од влади претставува само внесување на дарвиновата борба за опстанок од природата во општеството.
Единствен заштитник на малиот човек (верувале или не) во моментов е државата со нејзината структура која единствено може да се спротивстави на самоволието на моќниците.
Да, треба да се бориме против корумпираните политичари, и да, треба да наоѓаме начини да ги направиме институциите ефикасни и контролирани и насочени кон задоволување на потребите и интересите на граѓаните.
Меѓутоа, нивното негирање не значи повеќе слобода на секој граѓанин, туку конечна поделба на населението на ловци и ловени, на насилници и жртви. Сè поголема шанса да пропаднат сите нејаки, добри, немоќни, ранливи, стари, сиромашни, необразовани, со попреченост, емпатични, сонувачи…
Ова само може да значи поголема можност и поширок простор за измислување на потреби, наместо задоволување на оние есенцијалните. Повеќе простор за екстравагантност и за длабока немаштија. Повеќе несигурност и поголема неизвесност за иднината.
Моќниците многу лесно ќе се прилагодат на новата алатка и ќе ја искористат до нејзиниот максимум, и ќе обезбедат таа да работи за нив, а граѓаните ќе добијат илузија на еднаквост на шансите, илузија на избор и илузија на соодветно вреднување.
Работата е да се создаде систем за контрола, систем кој ќе обезбеди вистинска еднаквост на шансите на граѓаните базирана на нивните индивидуални можности, еднаква стартна позиција која овозможува потполна индивидуализација без да биде загрозена егзистенцијата на било кој човек.
Саморегулираниот маркет не води грижа за нејаките и немоќните и помалку способните и помалку агресивните. Тој едноставно ги гази, ги ништи и ги исфрла од тековите на општественото живеење.
Проблемот на криптовалутите е токму во тоа што тие неверојатно лесно можат да создадат илузија која ќе ги доведе најголем број од луѓето во неверојатно лоша позиција, а вината за тоа ќе им биде припишана на нив самите. Шансата им е дадена, а тие не знаеле да ја искористат. Нивни проблем. Американскиот сон бил тука на дофат, ама тие немале доволно долги раце да го дофатат, нивни проблем.
Можеше да добиеш 100.000, ама ти доби само 100 денари. Твој проблем.
Проф. Најчевска колумнистка и на ЦИВИЛ МЕДИА. Нејзините текстови најчесто се поместени под заедничкиот наднаслов Правни перспективи во кои се објавуваат исклучиво нејзини текстови, но ги анализира политиките и во поширок контекст, во рубриката Слободна зона, каде што се објавуваат колумни, ставови и анализи.