Еднаквоста на граѓаните во едно општество претставува политички принцип и социјален идеал, основна вредност, но и императив, според кој граѓаните, покрај тоа што имаат исти социјални, политички, граѓански, економски права, неопходно е да имаат и исти можности за пристап до општествените добра и природните ресурси.
подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
На прашањето: „Дали сме сите исти?“, одговорот е секако: „Не.“ Се разликуваме по многу основи: пол, возраст, националност, раса, степен на образование, религија, социјален статус…На различностите им нема крај.
Но, она што ги дефинира современите демократски општества се определени принципи и вредности (иманентни за сите човечки суштества) кои важат за сите, по принципот на еднаквост. Принципот на еднаквост во остварувањето на човековите права е модерно достигнување на меѓународната заедница.
Во историјата на политичката мисла, може да се забележи дека терминот еднаквост за прв пат бил употребен во Американската декларација за независност од 1776 година (каде ставот дека сите човечки суштества се создадени еднакви, се наведува како очигледна вистина), а потоа и во Француската декларација за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година (во која се наведува дека луѓето се слободни и еднакви во своите права).
Идејата за еднаквост ја следи и Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации од 1948 година, која почива на претпоставката дека „сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права.“ Усвојувањето и прокламирањето на декларацијата, го означува почетокот на имплементација и интернационализација на принципот на еднаквост, кој понатаму е издигнат на највисоко ниво на човековите вредности.
Еднаквоста на граѓаните во едно општество претставува политички принцип и социјален идеал, основна вредност, но и императив, според кој граѓаните покрај тоа што имаат исти социјални, политички, граѓански , економски права, неопходно е да имаат и исти можности за пристап до општествените добра и природните ресурси.
Денес, почитувањето на принципот на еднаквост во остварувањето на човековите права, не е само морална, туку и политичка и правна (поддржана со законска регулатива) обврска на секое демократско општество.
Еднаквоста значително влијае на чувството на луѓето за неподреденост и немаргинализираност. Таа го поддржува и одржува човековото достоинство, а на луѓето им овозможува да не се чувствуваат како граѓани од втор ред или како граѓани кои се дистанцирани од заедницата, поради некоја своја особеност. Наместо исклучување, еднаквоста овозможува вклучување во општествениот живот.
Нееднаквата позиција и улога во општеството, кај луѓето создава чувство на отфрлање, што понекогаш резултира со екстремни активности и однесувања. Нееднаквоста може да иницира демонстрирање сила и вршење насилство, кое добива шанса за толерирање во рамките на општеството. Наспроти тоа, еднаквоста ја поттикнува надежта и вербата на луѓето во функционирањето на заедницата.
Заштитата и остварувањето на човековите права е една од најсложените и најчувствителните задачи во рамките на општествените заедници. Вистинско признавање на човековите права постои доколку е овозможена нивната реализација по принципот на еднаквост, слобода, недискриминација и толерантност.
Долгата историја на постоење на различни форми на обесправување, укажува на тоа дека процесот на признавање и заштита на човековите права и слободи не е завршен. Составен дел на демократијата е толерантноста и таа мора да постои во сите нејзини форми: политичка, верска, национална, сексуална и многу други.
Демократските општества подлежат на континуиран развој низ различни процеси, кои претпоставуваат строго почитување на основните човекови права, со забрана за дискриминација по било која основа.
Линкови:
https://www.un.org/en/about-us/universal-declaration-of-human-rights
https://nsp-ie.org/igualdad-393
https://hr.wikipedia.org/wiki/Egalitarizam
https://filozofskitekstovi.wordpress.com/tag/jednakost/
https://sr.m.wikipedia.org/sr-el/
This post is also available in: English